Билетите за Лувр поскапеа за пет евра во пресрет на Олимписките игри во 2024 година, објавено е на веб-страницата на парискиот музеј.
Од денеска цената на билетите е зголемена за речиси 30 отсто, од 17 на 22 евра. Посетата на Лувр и понатаму ќе биде бесплатна за лица помлади од 18 години и за жителите на Европската економска област помлади од 26 години.
Како што објаснуваат од управата на музејот во соопштение до медиумите, поскапувањето е последица на инфлацијата и поскапувањето на струјата. Сепак, секој втор посетител има право бесплатно да ја види изложбата, забележуваат од музејот.
Отворен во 1793 година, Лувр е најпосетуваниот музеј во светот. Во 2022 година неговата колекција, која се простира на 86 илјади квадратни метри, ја погледнале 7,2 милиони луѓе, што на музејот му донело 76,5 милиони евра.
Во 2023 година, бројот на посетители бил 8,9 милиони, а 3,6 милиони посетители (41%) влегле во музејот бесплатно.
Париз очекува околу 15 милиони туристи да ги посетат Летните олимписки игри, соопшти Министерството за туризам.
Претходно беше најавено дека цената на патувањето во париското метро ќе се удвои за време на Олимпијадата во 2024 година и ќе изнесува четири евра, а не сегашните 2,10 евра. Олимписките игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август, а Параолимписките игри од 28 август до 8 септември.