
Deprecated: explode(): Passing null to parameter #2 ($string) of type string is deprecated in /home/popara/public_html/wp-content/themes/bold-news/views/author_reviews.php on line 4
Омилениот дезен на Лејди Ди се врати во модна игра. Точкестиот „примерок“ кој зрачи со ретро шарм и романтична атмосфера, пред неколку вечери продефилираше на Мет Галата, а денес го „прошета“ и Кејт Мидлтон за време на една од церемониите по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна во Лондон.
Дежа ви? Да. Но, сите знаеме дека Кејт Мидлтон е кралица на таканаречената рециклирана мода и дека сака да повторува аутфити. Уште подобро знаеме дека и во „веќе видените“ парчиња на кои им е верна со години, изгледа подеднакво сензационално како и кога ги облекла за прв пат.
Принцезата од Велс денес со принцот Вилијам, кралот Чарлс и кралицата Камила, присуствуваше на богослужбата во Вестминстерската опатија, една од церемониите како дел од четиридневното одбележување на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.





Кејт за оваа пригода избрала полка дот фустан од колекцијата на брендот „Alessandra Rich“ и црн фасцинатор „Juliette Botterill“, а дезенот не е единствениот начин на кој таа ѝ оддала почит на принцезата Дијана.
Имено, обетките кои некогаш ѝ припаѓаа на мајката на Вилијам му дадоа сентиментален шмек на врвниот стајлинг. Дијана ги добила во 1981 година од златарницата „Colingwoo“ како свадбен подарок. Таа често ги носела, најмногу за време на кралските турнеи во Австралија, Италија, Канада и САД.
Ако дотогаш не ви биле врежани во меморијата, по настаните од ноември 1994 година во Хајд Парк, не можете да ги заборавите. Тогаш ги „комбинирала“ со познатиот „одмазднички“ фустан, во кој се појавила на забавата на магазинот „Vanity Fair“ во галеријата „Serpentine“.
Обетките одлично се совпаднаа со точкестиот стајлинг на денешната принцеза од Велс. Тоа беше, на некој начин, двојна почит кон Лејди Ди.
Кејт Мидлтон првпат била видена во овој фустан во јуни 2023 година на церемонија во Виндзор, а нејзина инспирација бил аутфитот во кој Дијана ги следела коњските трки во Аскот во 1988 година.