Интервју со Сотир Лукровски – кандидат на ВМРО ДПМНЕ за општина Карпош

popara7 јули, 20256min00
image-232542

„Карпош има своја душа, свој шарм и прознатливост. Време е да ги земеме работи во наши раце.“

Надвор од политиката, кој е Сотир Лукровски?

Јас сум човек кој никогаш не гледал на животот низ призма на функција, туку низ одговорност. Роден и израснат во Карпош, со длабоки семејни корени од Егејска Македонија, ја носам тишината на жртвите и гласот на правдата. Денес сум татко на три деца, сопруг, професионалец, граѓанин и активист. Верувам во семејството како темел на општеството.

Моите најважни „титули“ се тие што немаат протокол: сопруг, татко, син, сосед. Активист сум повеќе од две децении — глас за обесправените, борец за зачувување на националниот идентитет и борец за достоинствен живот за сите. Преку организацијата „В’мбел Егеј“ се залагавме за јазикот, културата и човековите права на нашите луѓе. Но, се залагам и за универзални вредности како слобода, правичност, правда и човечност. Тоа сум јас — човек кој не прави компромис со вистината.

Како член на ВМРО-ДПМНЕ од 1991 година, што ве мотивираше и зошто останувате лојален на идејата, а не на лични интереси?

Се приклучив кон ВМРО-ДПМНЕ во време кога идеалите беа почисти од интересите, кога Македонија се будеше како независна држава, а народот бараше водачи, не управители. Мојата лојалност не се темели на апаратот на партијата, туку на нејзината основна визија: слободна, суверена, праведна Македонија. Оваа врска со идејата ја одржав без да барам позиција, туку со работа и достоинство во приватниот сектор.

Денес, кога повторно сме пред историски момент за обновување на јавната доверба, ја прифаќам одговорноста да бидам мост меѓу искуството од реалниот свет и потребата од реформирана, граѓански ориентирана политика базирана на развој, безбедност, иновативни решенија, современа култура и спорт.

Имате повеќе од 30 години искуство во приватниот сектор. Какви менаџерски вредности носите во јавната функција?

Во приватниот сектор научив дека секоја грешка има цена, а секој успех бара тим, визија и дисциплина. Научив дека луѓето не следат наредби, туку следат вредности. Воведов системи на мерење, мотивација и развој кои ги трансформираа организациите во кои сум работел.

Овие принципи – отчетност, транспарентност, почитување на човечкиот капитал ќе ги вгнездам и во јавната функција. Не се плашам од предизвици, но имам алатки и менталитет за да ги претворам институциите во живи, ефикасни системи кои ги решаваат проблемите на граѓаните без одлагање.

ВМРО-ДПМНЕ Ве номинирапше за свој кандидат за градоначалник на општина Карпош. Како ја доживувате таа чест и одговорност пред граѓаните на Карпош?

За мене ова не е само политичка задача, туку личен, морален завет. Довербата од страна на ВМРО-ДПМНЕ ми е чест, и можност прелу политички ангажман и иден градоначалник да го вратам она што сум го добил од оваа заедница. Го доживувам како повик да ја поврзам суштината на вистинскиот менаџмент со јавниот интерес.

Не одам со празни ветувања, туку со решенија. Ќе бидам човек на терен, меѓу граѓаните, со уво за нивните проблеми и со план за нивна реализација. Чест е да те препознаат, но уште поголема чест е да одговориш со резултати.

Зошто токму сега и зошто токму Карпош?

Затоа што чувствувам обврска. Карпош не е само простор за гарсоњери. Тоа е вредносна заедница — од Влае до Рузвелтова , од Нерези до Бардовци, тука се генерации луѓе кои изградиле идентитет на слободна мисла, креативност, иновации и урбана култура. Но последнава деценија гледаме како таа душа се гуши — под бетон, под ароганција, под негрижа.

Не влегувам во политика заради кариера. Имам кариера. Влегувам бидејќи веќе е предоцна за аплаузи од трибини. Време е да се фати воланот. Карпош не смее да стане општина на привилегирани, туку мора повторно да биде простор на еднакви можности и креативност. Мојата кандидатура е природна еволуција на сè што досега сум бил, глас на граѓанинот.

Што ѝ е најнеопходно на општината сега?

Пред се чеснo и совесно водење, и работа. Она што и е најнеопходно на општината го знаеме од нашето секојдневие, истото ни го потврдија граѓаните во анкетите што ги направивме сакајќи да ги утврдиме нивните потреби. Она што се наведува како основна потреба се урбанистичките решенија, ни требаат градби што ќе ги почитуваат луѓето, просторот и природата.

Не ни требаат стихијни решенија кои подоцна ни носат проблеми за новите станари со образовни и згрижувачки капацитети за децата, паркинг простор и зеленило околу нивните домови. Она што исто се детектира кај нашите граѓани без разлика на која урбана заедница припаѓаат е безбедноста. Ќе мора да поработиме во секојдневната комуникација со припадниците на МВР на проекти за зближување со граѓаните преку кои ќе го зајакнеме кај нив чувството на мир и безбедност.

Во престојниот период ќе мора да ги детектираме загадувачите во нашата општина и да преземеме безкомпромисни мерки во борбата со оние кои го нарушуваат нашето здравје во континуитет. Сакаме соседите нашиот мандат да го запаметат по средени паркови, безпрекорно осветлување, нови спортски и забавни содржини, згрижени бездомни животини, вело патеки, навремено собран смет. Неопходна ни е грижа и за нашите највозрасни граѓани, оние кои го живеат третото доба. Да обезбедиме подостапна здравствена услуга, катчиња за заеднички социјални и забавни мигови. Нивна инклузија со помладите, каде помагајќи им во нивните секојдневни обврски би ги учеле од нив животните мудрости. Да ја направиме општината преку дигитализација подостапна за граѓаните за нивните барања и потреби, но истовремено со тоа да ја поедноставиме и олесниме работата на нашите вработени од општинската администрација.

За кои теми сте лично засегнат и зошто?

Човековите права. Децата. Идентитетот. Сите три се меѓусебно поврзани. Ако не ги заштитиме нашите најмали, иднината е компромитирана. Ако дозволиме бришење на културната меморија, ќе бидеме сенка од народ. Ако толерираме неправда, тогаш дозволуваме насилство над вредностите.

Длабоко верувам дека Карпош може да биде пример за заштита на ранливи категории, почнувајќи од автономија на лицата со попреченост, па сè до социјално домување и мобилна поддршка за постарите граѓани. Ако не се грижиме за тие што имаат најмалку, што значи тогаш „урбаност“?

Дигитализацијата и ефикасноста – како планирате да ја направите општината модерна, поддржувајќи комуникација и транспарентност?

Модерна општина значи дата-дривен систем, не само добра волја. Ќе воспоставиме Е-општина со целосен онлајн интерфејс за сите услуги: дозволи, документи, статуси. Ќе воведеме мобилна апликација за интеракција, известувања, пријави. Ќе ја отвориме базата на сите јавми набавки, договори и трошоци преку платформа за транспарентност. Но дигитализацијата ќе биде проследена со промена на менталитетот , бидејќи институцијата постои заради граѓанинот, а не обратно.

Како ќе се справите со притисоците и со наследените мрежи на моќ?

Јас не сум човек што прифаќа диктат на групи што си го присвоиле јавниот интерес. Ќе работам со институции, со граѓани, со експерти. Ако не можете да се справите со притисок, не сте за функција.

Каква улога треба да имаат младите и НВО-секторот?

Прва. Не според редот, туку според приоритетот. Ќе формираме младински совет при општината со право на иницирање проекти. Ќе отвориме простори за младинска култура, но и ќе финансираме локални иницијативи преку буџетски фонд. Со невладиниот сектор ќе соработуваме во сите фази: од креирање до евалуација на политики. И јавно ќе ги објавуваме сите предлози и ставови, без цензура.

Вашата поддршката за спортот е видлива, како ќе ја институционализирате?

Љубовта кон спортот не е хоби — тоа е стратегија. Преку спорт се градат заедници, здрави млади, и локален идентитет. Во Карпош има простор за подобрување на спортската инфраструктура, за отворање на нови клубови за реновирање на сите игралишта.

Како ја гледате општината за 4 години?

Ја гледам како урбано обновена, управувана од принципи, не од интереси. Како општина која не менува ДУП-ови на приватен повик. не се плаши од транспарентност, не се срами од своите граѓани. Карпош да биде општина со зеленило, велосипедски патеки, артикулиран паркин простор и секој пешак да се движи на тротоар слободно.

Карпош по 4 години ќе биде пример за зелени површини, за поддршка на културата, за социјална правда. Нема да биде спектакл, ќе биде тивка, но моќна трансформација — од хаос во домаќинство.

Заклучно: што би им рекле сега на граѓаните на Карпош – зошто да ја дадат својата доверба токму вам?

Не сум идеален – но сум искрен. Не ветувам чуда – ветувам работа. Моето најголемо политичко капитално средство е мојата репутација, граденa низ години во бизнисот и животот. Имам добара и професионален тим кој во целост е со мојата идеологија за Карпош. Доколку ми ја дадете вашата доверба, ќе добиете човек кој знае да ги препознае проблемите, но уште повеќе кој знае да изгради структури, да ги постави приоритетите и да создаде резултати.

Јас сум еден од вас, Карпошанец, и сакам Карпош да биде општина со ред, со душа и со визија. Ако и вие го сакате истото, ве поканувам да го направиме заедно.

ЛИЧНОСТ, КАРАКТЕР И МИНАТО

Кој е Сотир пред политиката?

Патник. Сведок. Слушач. Во животот сум го видел лицето на неправдата и на надежта. Работев со луѓе во тешки услови, го видов изгубеното достоинство и желбата за промена. Активизмот ме обликуваше — не како кариера, туку како обврска. Секој миг во тој пат беше лекција. Кои се вашите лични животни принципи? Никогаш не прави на друг што не би сакал да го доживееш сам. Почит кон постарите. Заштита на послабите. И одлуките да се носат не од страв, туку од вистина. Во секој мој избор, се прашувам: Дали моите деца би биле горди на ова? Ако одговорот е „не“, не го правам тоа. Детството? Скромно, но полно со љубов. Во домот се зборуваше за Македонија, за историја, за чесност. Научив што значи да немаш многу, но да имаш достоинство. Токму тоа ме направи отпорен, благодарен и внимателен.

Како ве опишуваат блиските?

Како човек со принцип, но и со срце. Велат дека знам да слушам, тоа ме прави мудар. Дека не се продавам. Дека не сум „на страна“ — сум со луѓето. И тоа ми е најдраго. Да бидам свој, и покрај сè.