
Меѓу членовите на генерацијата Z, трендот познат како „состаноци за вежбање“ станува сè попопуларен – запознавање и одење на состаноци со луѓе кои не се нужно нивниот тип, па дури ни привлечни, со цел да стекнат искуство и подобро да се снајдат во романтични ситуации.
Овој тренд, кој сè повеќе се шири на социјалните мрежи, подразбира дека младите луѓе свесно одат на неформални состаноци како што се кафе, пијалоци или прошетки со потенцијални партнери без високи очекувања. Целта не е нужно да се пронајде „вистинскиот“, туку да се развијат комуникациски вештини, да се намали нервозата и да се изгради самодоверба во романтични ситуации.
Една од оние што го практикува овој пристап е 26-годишната Кристина Псарас од Чикаго, која вели дека современото онлајн запознавање е исцрпувачко и често води до нереални очекувања.
„Одењето на „дејт за вежбање“ со некој што не е ваш тип ви помага да се ослободите од нереалните очекувања. Помалку ја идеализирате другата личност и помалку ѝ припишувате имагинарни квалитети или очекувања што не се реални“, рече таа.
Според неа, трендот помага и да се намали притисокот што многумина го чувствуваат на првиот состанок, особено кога станува збор за луѓе што навистина им се допаѓаат.
„Кога сум помалку нервозна, престанувам да се преправам и се однесувам поприродно. Тогаш всушност сум најатрактивната верзија од себе“, додава Псарас.
Сепак, експертите предупредуваат дека постои тенка линија помеѓу развивањето социјални вештини и третирањето на другите луѓе како „вежба“ или алатки за личен развој.
Психологот Дебра Кисен истакнува дека е важно да се пристапи кон ваквите средби со почит и искрена љубопитност.
„Запознавањето е социјална вештина и се развива преку вежбање, но погрешно е да се третираат луѓето како средство за личен развој“, изјави таа.
Според неа, поздрав пристап е да се гледа на секоја средба како можност за ново искуство, разговор или потенцијално пријателство, без притисокот што го има за да доведе до романтична врска.
Експертите додаваат дека популарноста на овој тренд ја покажува пошироката слика – зголемување на осаменоста и социјалната дистанца кај младите луѓе, кои на овој начин се обидуваат да обноват чувство на поврзаност и безбедност во комуникацијата лице в лице.