
Кардиоваскуларните болести одземаат околу 20 милиони животи секоја година, а експертите сугерираат дека вклучувањето повеќе црвена и виолетова храна во исхраната може да помогне во одржувањето на здравјето на срцето.
Ова делумно се должи на антоцијаните – антиоксидантни растителни соединенија одговорни за карактеристичната боја на црвеното овошје и зеленчук. Антоцијаните се вид на полифеноли, група природни соединенија што се наоѓаат во растенијата.
Д-р Ниса Аслам издвои неколку видови црвена и виолетова храна чие вклучување во исхраната се препорачува.
„Црното грозје содржи полифеноли и ресвератрол, соединенија што се наоѓаат и во многу други растенија. Исхраната богата со полифеноли може да го намали ризикот од развој на кардиоваскуларни болести“, вели таа.
Таа додава дека боровинките ја должат својата сино-виолетова боја на антоцијаните – кои сочинуваат дури 60 проценти од полифенолите во ова овошје – и дека се идеални кога се додаваат врз каша од житарици или јогурт.
Покрај тоа, црвениот кромид содржи многу елементи што помагаат во намалувањето на крвниот притисок. Експертите истакнуваат дека капините одлично се вклопуваат во салати, но се подеднакво вкусни и кога се јадат самостојно, пренесува „Мирор“ (Mirror).
Антоцијаните помагаат во борбата против метаболичкиот синдром – група состојби што вклучуваат висок крвен притисок, покачено ниво на шеќер во крвта, вишок маснотии околу половината и високо ниво на холестерол. Експертите исто така ја посочуваат црвената зелка како храна корисна за здравјето на срцето; таа содржи витамин Ц и многу влакна, кои го поттикнуваат здравото варење.