Издоминира: Пејачката Розалија освои пет латино награди Греми

popara14 ноември, 20261min00
1468363_14439282_m

Шпанската пејачка и текстописец Розалија ја освои наградата за албум на годината на 27-то доделување на наградите Latin Grammy Awards, одржано во Лас Вегас, за нејзиното најново студиско издание, „Lux“.

Со оваа победа, Розалија триумфираше над конкуренцијата во која беа вклучени албуми на изведувачи како Карол Џи, Анита и Хорхе Дрекслер, пренесува „USA Today“.

Ова е третпат таа да ја добие наградата за албум на годината, по нејзините победи во 2019 и 2022 година.

Наградата ѝ ја врачи колумбискиот пејач Хуанес. Притоа, Розалија се потсети на неговата поддршка на почетокот од нејзината кариера, во времето кога настапувала пред мала публика во Мадрид.

Покрај наградата за албум на годината, Розалија освои признанија и во категориите песна на годината, најдобра поп-песна, најдобар алтернативен албум и најдобар музички спот во кратка форма. Албумот „Lux“ – инспириран од класичната музика и снимен на повеќе јазици – беше објавен минатиот ноември, наиде на позитивни критики и се искачи на првото место на топ-листата за латино албуми на „Billboard“.

Во април беше објавено дигитално „делукс“ издание насловено „Complete Works“, кое содржи три дополнителни песни што претходно беа достапни само на физичката верзија на албумот. Розалија, исто така, го промовираше албумот преку својата турнеја „Lux“, која заврши во септември по речиси 60 настапи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *