
Видеото од тримесечен златен ретривер по име Фин и неговата реакција накашлањето ги освои корисниците на TikTok.
Глетката на кученцето кое одеднаш почнува да ика – придружено со необичните звуци што ги испушта – за многумина беше неодолива.
На видеото се гледа како Фин мирно седи на кревет. Одеднаш, целото тело му потскокнува од икање, при што очите му се шират; тој испушта краток, пискав звук, а потоа трча кон личноста што го снима.
Клипот предизвика бројни реакции и коментари.
„Кутро бебе, баш го фатило икањето! Мојата златна ретриверка постојано икаше кога беше кученце. Беше преслатко! Слушнете го тој сладок, пискав звук. Едноставно е неодолив“ – ова се само дел од коментарите оставени под видеото.
Зошто кученцата толку често икаат?
Иако можеби изгледа необично, икањето е многу често кај кученцата – многу почесто отколку кај возрасните кучиња. За ова постои научно објаснување.
Според порталот PetMD, икањето се јавува кога дијафрагмата – мускул кој учествува во дишењето – ќе се стегне ненадејно и неволно. Бидејќи мускулите на кученцето сè уште не се целосно развиени, тие се поподложни на вакви видови контракции.
Икањето може да биде предизвикано и од голтање воздух, што често се случува кога кученцата јадат или пијат пребрзо, или кога се многу возбудени. Во повеќето случаи, појавата е безопасна и обично поминува сама по себе по неколку минути. Тешко е да се предвиди дали Фин ќе се навикне на тоа, но судејќи според реакциите на социјалните мрежи, на неговото семејство веројатно нема да им пречи – сè додека неговите мали „незгоди“ останат вака неодоливи.