
Познатиот невролог д-р Маџид Фотухи откри кој додаток во исхраната го препорачува за подобра меморија, како и што смета дека е многу поважно за зачувување на менталните способности.
Неговиот избор се омега-3 масните киселини, конкретно ДХА (DHA) и ЕПА (EPA), кои играат клучна улога во функционирањето на мозокот.
„Постојат цврсти научни докази кои ги поврзуваат омега-3 масните киселини со структурата на мозокот и зачувувањето на когнитивните способности. За повеќето други додатоци во исхраната недостасуваат подеднакво убедливи докази“, објасни д-р Фотухи.
ДХА е клучна компонента на мембраните на мозочните клетки, додека ЕПА е позната по своите антиинфламаторни својства. Двете масни киселини можат да се најдат во масните риби, како што се лососот, сардините и скушата – поради што овие намирници често се препорачуваат како дел од исхраната што го поддржува здравјето на мозокот.
Што велат истражувањата за омега-3?
Студија објавена во 2022 година во научното списание Frontiers in Neuroscience, во која учествувале повеќе од 211.000 луѓе постари од 60 години, укажа на поврзаност помеѓу редовното користење додатоци со рибино масло и помал ризик од деменција.
Сепак, важно е да се направи разлика помеѓу поврзаност (корелација) и докажана причинско-последична врска. Истражувањето не докажа дека рибиното масло спречува деменција, ниту пак беше утврдена поврзаност со намален ризик од Алцхајмерова болест.
Пред да почнете да земате додатоци со омега-3 масни киселини, консултирајте се со вашиот лекар – особено ако земате лекови што влијаат на згрутчувањето на крвта.
Невролог тврди дека една навика е поважна од другите.
Иако ги смета омега-3 масните киселини за корисен сојузник за здравјето на мозокот, д-р Фотоухи нагласува дека постои нешто уште позначајно: редовната физичка активност.
„Кога би требало да издвојам една работа што е поважна од сè друго за здравјето на мозокот и здравото стареење, тоа би била редовната физичка активност“, истакна неврологот.
Тој објаснува дека вежбањето ги намалува воспалителните процеси во телото, ја подобрува чувствителноста на инсулин, помага во регулирањето на хормоните на стрес и има позитивно влијание врз срцето и крвните садови. „Ниту едно апче или додаток во исхраната не влијае истовремено на толку многу мозочни системи“, додаде тој за списанието Parade.
Добрата вест е дека никогаш не е доцна да се почне. Дури и ако ја вклучите физичката активност во вашето секојдневие подоцна во животот, сепак можете да имате корист од неа.
Напомена: Консултирајте се со фармацевт или лекар во врска со употребата на додатоци и соодветната доза.