
Чоколадните зајчиња сега се неопходен дел од велигденските празници – тие нè чекаат во внимателно наредени велигденски корпи, гледаат од излозите на продавниците украсени со цвеќиња и заземаат гордо место на семејните маси. Нивната приказна започнува долго пред модерната чоколадна индустрија – дали некогаш сте се запрашале како и кога некому му текнало да направи чоколадно зајче?
Уште од пагански времиња, зајакот е симбол на плодност и нов живот. Во старите европски верувања, тој се поврзувал со доаѓањето на пролетта и обновата на природата, а често се поврзувал и со германските божества на плодноста. Со текот на времето, паганските обичаи се испреплетувале со христијанските велигденски обичаи, а она што им било заедничко била приказната за воскресение и нов почеток.
Првиот запис за велигденското зајче датира од 1682 година, кога германскиот лекар Георг Франк фон Франкенау го објавил делото „De ovis paschalibus“. Во него, тој го опишува обичајот според кој зајакот крие јајца во градините, а потоа децата ги бараат. Ова е прв пат зајакот, јајцата и Велигден да бидат поврзани во една традиција, што се смета за „раѓање“ на велигденското зајче какво што го знаеме денес.
Велигденското зајче како носител на јајца прво се проширило во Германија, а потоа и во остатокот од Европа. Германските имигранти ја донеле оваа традиција во Соединетите Американски Држави, каде што таа била дополнително популаризирана. Сепак, првите јадливи зајаци не биле чоколадни, туку биле направени од тесто и шеќер. Дури во 19 век, со развојот на чоколадната индустрија во Европа, биле создадени првите чоколадни зајаци.
Клучен пробив се случил во 1828 година, кога холандскиот пронаоѓач Конрад Ван Хаутен развил преса за какао. Ова овозможило производство на мазно чоколадо, идеално за обликување. Слаткарите наскоро почнаа да прават чоколадни фигури на зајаци, што ѝ ја даде на традицијата сегашната форма.
Иако првите чоколадни зајаци беа цврсти, тие на крајот станаа шупливи. Причината беше првенствено економска, но подоцна се заклучи дека шупливите секако полесно се гризат, и така остана. Во текот на 20 век, чоколадните зајаци станаа глобален симбол на Велигден.
Денес, велигденските чоколадни зајаци се произведуваат во безброј варијанти – од класично млечно чоколадо до премиум верзии со филови и декорации, а годишно се произведуваат речиси 100 милиони чоколадни зајаци. Најголемиот чоколаден зајак во светот е направен во Бразил во 2014 година – бил висок речиси 4 метри и тежел повеќе од три и пол тони.