
Виетнамското кафе со матена жолчка и кондензирано млеко, познато како ca phe trung, повторно станува популарно, иако се консумира уште од 1940-тите години.
По афогатото, „еспресо мартинито“ и бројните варијанти со растително млеко, кафето со јајце повторно се појавува на социјалните мрежи. Иако многумина го доживуваат како нов „вирален“ тренд, всушност станува збор за пијалак што во Виетнам е познат со децении, пренесува Metro.
Ca phe trung се подготвува со матење на жолчка од јајце со засладено кондензирано млеко, сè додека не се добие густа пена. Оваа пена потоа се става врз силно црно кафе. Кафето традиционално се подготвува со помош на „phin“ – мал метален филтер карактеристичен за Виетнам. Најчесто се користат зрна од сортата „робуста“, бидејќи нивната горчина ја балансира слаткоста на кондензираното млеко.
Се верува дека овој пијалак настанал во Ханој во 1940-тите години, во време кога било тешко да се најде свежо млеко. Нгуен Ван Џианг, бармен во хотелот „Метропол“, почнал да користи матени јајца во кафето наместо млеко. Пијалакот станал толку популарен што тој отворил свој локал, Cafe Giang, кој и денес се поврзува со кафето со јајца. Како да го подготвите дома
За една порција ви се потребни:
- 1 жолчка
- 2 лажици кондензирано млеко
- 60 до 90 мл свежо сварено, силно кафе
- Неколку капки екстракт од ванила (по желба)
- Какао или цимет за посипување (по желба)
Сварете мала шолја силно црно кафе или двојно еспресо. Одвојте ја жолчката од белката, ставете ја во сад заедно со кондензираното млеко и матете со електричен миксер три до пет минути, додека смесата не стане густа и пенлива. Истурете го топлото кафе во шолја, а одозгора ставете ја матената смеса.
Топлото кафе не ги готви жолчките целосно, па затоа, за оние што избегнуваат сирови јајца, пастеризираните жолчки се подобро решение.
Каков е вкусот? Жолчката од јајце е богата со масти и протеини, па затоа се мати со кондензирано млеко во свиленкаста пена, слична на мус. Ванилата го ублажува мирисот на јајцето и ја заокружува горчината на кафето. Комбинацијата од горчливо кафе и слаткиот слој одозгора создава густа, кремаста текстура, без вкус на матени јајца.
Колумнистот на „Метро“, Робертсон Бакхевен, го подготвил ова кафе дома и признал дека тоа не било лесно. Му биле потребни 20 минути за да ја добие посакуваната пена со помош на апаратче за матење млеко, а дотогаш кафето веќе се изладило. Сепак, тој вели дека би го нарачал во кафуле, бидејќи вкусот е многу примамлив и навистина потсетува на тирамису.