
Научници од Националниот универзитет „Ченг Кунг“ во Тајван тврдат дека лансирањето на ракетата „Артемис II“ предизвикало огромни нарушувања во атмосферата на Земјата, што можело да влијае врз GPS-системите и другите видови комуникација.
Според списанието Sky at Night Magazine, авторите наведуваат дека мисијата „Артемис II“ – лансирана на 1 април 2026 година за деветдневно патување околу Месечината – создала дупки во атмосферата на Земјата и предизвикала модулации од акустични ударни бранови, како и модулации од гравитациски бранови.
„Согорувањето на горивото за зголемување на апогејот предизвика ударни бранови и нарушувања со невидени размери, кои се проширија низ 50 степени географска должина над Северна Америка“, истакнуваат авторите на студијата.
Тие додаваат дека ова е првпат една вселенска мисија да предизвика три одделни појави на нарушувања во јоносферата над истиот регион, за време на последователни орбитални маневри.
Иако утврдиле дека лансирањето на „Артемис II“ не предизвикало широко распространети прекини во работата на GPS-системите, сепак забележале промени во јоносферата кои би можеле да доведат до проблеми при идни лансирања на ракети.
„Ваквите нарушувања би можеле да ја попречат комуникацијата на Земјата – на пример, преку попречување на радиосигналите. Понатаму, лансирањето на ракети може да влијае и врз други технологии на Земјата што се потпираат на GPS за одредување на локацијата, како што се автономните возила и дроновите“, се наведува во студијата. „Артемис II“ се оддалечи подалеку зад Месечината од која било претходна мисија, користејќи го нејзиното гравитациско привлекување за да добие забрзување при обиколката и да го започне патувањето назад кон Земјата.
Ова беше првата мисија со екипаж до Месечината уште од програмата „Аполо“ и претставуваше клучна пресвртница во плановите на НАСА за воспоставување трајно човечко присуство на површината на Месечината.