
За многумина, кафето е незаменлив дел од секојдневието; сепак, кофеинот што ни помага да останеме будни може да влијае и на квалитетот на нашиот сон. Поради тоа, често се поставува прашањето: дали откажувањето од кафе може да го подобри ноќниот одмор и дали навистина е неопходно целосно да се откажеме од омилениот пијалак?
Престанувањето со консумирање кафе може да го подобри сонот, особено кај оние што пијат по неколку шолји дневно или внесуваат кофеин доцна попладне. Нутриционистката Кортни Смит истакнува дека истражувањата покажуваат оти кофеинот може да го скрати вкупното времетраење на сонот за околу 45 минути, да го отежне заспивањето и да го зголеми бројот на будења во текот на ноќта.
Сепак, влијанието зависи од количината што се консумира, времето на консумирање и индивидуалната чувствителност, пренесува EatingWell.
Целосното откажување од кафе не е неопходно
Д-р Саема Тахир објаснува дека најзначајни подобрувања веројатно ќе забележат поединците кај кои метаболизирањето на кофеинот се одвива побавно, или оние што го консумираат подоцна во текот на денот.
„Оние што брзо го преработуваат кофеинот и го пијат само наутро, можеби воопшто нема да забележат никаква разлика“, вели таа.
Таа додава дека наглото откажување од кафе може да доведе до главоболки, замор и раздразливост – симптоми што можат да траат и до девет дена.
Сепак, целосното откажување од кафе не е задолжително.
„Истражувањата сугерираат дека умереноста често е најдобриот пристап“, забележува Тахир.
Едно истражување од 2023 година покажа дека кафето треба да се консумира најмалку девет часа пред спиење. Нутриционистката Лавања Кетамукала советува да се одлучите за помали порции или, подоцна во денот, да преминете на кафе без кофеин.
И други навики влијаат на квалитетот на сонот
Покрај внесувањето кофеин, на квалитетот на сонот влијаат и други животни навики – како што се распоредот на спиење, изложеноста на светлина, физичката активност и консумирањето алкохол.
„Алкохолот може да ви помогне побрзо да заспиете, но истовремено може да ја наруши структурата на сонот и да ја потисне РЕМ-фазата во вториот дел од ноќта“, предупредува Тахир.
Кетамукала заклучува дека на многу луѓе не им е потребно целосно да се откажат од кафето за да спијат подобро. Во повеќето случаи, доволно е само да се прилагоди количината и времето на консумирање.