
Секоја година на 8 март, жените ширум светот го слават Меѓународниот ден на жената. За некои, овој датум е момент кога се сеќаваат на борбата за еднаквост и проблемите во општеството, додека многумина го поврзуваат и со давање цвеќе и бројни подароци.
Обединетите нации го прогласија овој датум за Меѓународен ден на жената во 1977 година, но историјата на 8 март започнува во 19 век. На 8 март, во 1857 година се одржал голем протест на жени кои работеле во текстилна фабрика во Њујорк.
Со желба за промена, жените се собрале за да го изразат своето незадоволство од условите за работа, а протестот брзо бил распрснат од полицијата. Ништо од ова не ги обесхрабрило жените, кои неколку месеци подоцна основале синдикат.
Во следните години, прославата на 8 март продолжи, а еден од најмасовните протести се одржал во 1908 година, кога повеќе од 15.000 жени марширале низ Њујорк барајќи скратено работно време и право на глас.
Благодарение на социјалистката и активистка за права на жените Клара Цеткин, првата Меѓународна конференција на жените се одржала во Берн во 1907 година. Потоа, на Втората меѓународна конференција на социјалистичките жени одржана во Копенхаген во 1910 година, на нејзин предлог, 8 март бил прогласен за Ден на жената, кој бил насочен кон женската работничка класа.
Оваа идеја се проширила во Европа во 1911 година, а Денот на жената се славел во Швајцарија, Германија, Австрија и Данска. Откако 8 март продолжи да се слави во следните години, жените низ Европа одлучија да одржат демонстрации за мир во 1913 година.
Една од пресвртните точки во борбата за правата на жените биле демонстрациите во Русија во 1917 година, кога жените посочиле на војната и гладот. По Октомвриската револуција, болшевичката феминистка Александра Колонтај го убедила Ленин да го направи 8 март национален празник, а за време на советскиот период се користел за прославување на херојството на жените работнички.
Во согласност со зголемувањето на правата на жените низ историјата, симболиката на 8 март многу се промени. Многу организации за човекови права го нагласуваат значењето на постигнувањето на родовата еднаквост, а многумина го доживуваат овој датум како празник кога на жените им се купуваат цвеќе и подароци.
За потсетување, и кај нас денес е организиран протестен марш во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената, под слоганот „Нема да нѐ снема“. Организаторите ги поканија сите граѓани да им се придружат денес, почнувајќи во 12:00 часот во Парк Жена Борец, каде ќе ги упатат нивните пораки до јавноста и институциите.
Во 12:30 часот започнува маршот, движејќи се по предвидената рута низ центарот на градот, а финалната точка ќе биде бистата на Вера Јоциќ.