
Ставањето шолја бел оцет на горната полица и вклучувањето на циклус со висока температура е добро познат трик за чистење на машината за садови. Сепак, тестирањата спроведени од организацијата „Consumer Reports“ покажаа дека овој метод е неефикасен.
„Consumer Reports“ веќе 90 години тестира производи за домаќинството и трикови за чистење, а на прв поглед, овој метод изгледаше логично. За време на циклусот на миење, машината за садови собира маснотии и остатоци од храна, како и минерали од тврдата вода и остатоци од детергент. Следствено, дестилираниот бел оцет – бидејќи е евтин и еколошки прифатлив – се чинеше како логично решение.
Во нивната лабораторија за машини за садови, тие тестираа дали оцетот може да го отстрани слојот што го остава тврдата вода врз садовите и во внатрешноста на уредот. Трикот не успеа.
„Не постигна апсолутно ништо“, изјави Лери Сиуфо, виш менаџер за проекти за тестирање во „Consumer Reports“, кој во последните 15 години има тестирано над 500 машини за садови.
Тој додаде дека, иако во минатото оцетот можеби бил подобар од ништо, денес постојат специјално формулирани средства за чистење машини за садови кои навистина се ефикасни.
Освен што не чисти, оцетот може дури и да ја оштети машината. Од „Consumer Reports“ напоменуваат дека некои производители на машини за садови предупредуваат оти оцетната киселина може да предизвика корозија на гумените делови во уредот, како што се дихтунзите.
За да ја одржите машината за садови чиста, важно е редовно да го чистите филтерот, доколку вашиот модел има таков. „Consumer Reports“ препорачува чистење на филтерот приближно еднаш месечно, во зависност од тоа колку често ја користите машината. Водата поминува низ филтерот, повторно се користи од машината за време на миењето и се пумпа кон прскалките. Ако филтерот не се чисти подолго време, остатоците од храна можат да го затнат, поради што садовите нема да бидат добро измиени.