
Претходно спакуваните салати од супермаркетите можат да носат паразити и бактерии кои можат да предизвикаат сериозно повраќање и дијареја, а ризикот е поголем за ранливите луѓе.
Примоз Фристон, професорка по микробиологија на Универзитетот во Лестер, изјави дека би ги избегнувала ваквите производи бидејќи патогените можат брзо да се размножуваат во кеси, дури и кога се чуваат во фрижидер, и да се закачат на пластиката. Во изјава за „Тајмс“, таа рече: „Не би допрела салата од кеса ни во лудило“.
Предупредувањето доаѓа во време на ширењето на циклоспоријаза, паразитска инфекција поврзана со контаминирана храна и вода што предизвикува тешка дијареја, грчеви во стомакот и повраќање. Повеќе од 22.000 случаи се пријавени во Соединетите Држави оваа година, со два смртни случаи и стотици хоспитализации. Случаи на инфекција неодамна се пријавени и во Велика Британија.
Контаминираната зелена салата е веројатна причина за сегашната епидемија, но тоа не е единствениот проблем поврзан со лиснатиот зеленчук. Минатата година, британската здравствена агенција UKHSA објави зголемување од 26 проценти на редок вид на бактерија E. coli поврзана со салата во спакувани сендвичи и тортиљи, што резултираше со хоспитализација на 86 лица.
Фристоун наведува дека лисната текстура на зелената салата го фаворизира задржувањето на микроорганизмите, а дополнителен ризик е што таквата храна најчесто се јаде сурова. Таа препорача претходно измиените салати повторно да се исплакнат со вода од чешма, но предупреди дека ризикот може да се намали само на овој начин, а не целосно да се елиминира. Таа додаде дека темните, влажни лисја укажуваат на расипување на производот и дека таквата салата треба да се фрли.