
Експертите за домашни миленици истакнуваат дека мачките покажуваат многу необични однесувања кои тешко се објаснуваат, но седењето на високи места е вообичаено и инстинктивно однесување за нив.
Како што наведуваат тие, мачките имаат инстинктивна потреба да го набљудуваат светот околу себе од висока позиција, со оглед на тоа што по природа се грабливци кои ловат глувци, птици и зајаци.
Високата позиција не само што им овозможува подобар преглед на потенцијалниот плен, туку им нуди и одредено ниво на заштита од поголеми животни – карактеристики поврзани како со нивните инстинктивни потреби, така и со потеклото на домашните мачки.
Понатаму, иако повеќето домашни мачки не ловат често, нивната склоност да се качуваат и да седат на високи места останува длабоко вкоренета во нивната биолошка и еволутивна природа, пренесува „The Spruce Pets“.
Покрај инстинктивниот нагон за качување, домашните мачки уживаат во оваа активност бидејќи таа им обезбедува ментална и физичка стимулација. Затоа, важно е на вашата мачка да ѝ обезбедите доволно простор за качување, скокање и седење на високи места – особено ако чувате повеќе мачки во домот.