
Ако сте си рекле дека ќе изгледате „само уште една епизода“, голема е веројатноста дека нема да застанете тука. Пред да сфатите, полноќ одамна поминала, а вие сте сè уште будни, иако треба рано да станете. Не сте сами – истражувањата покажуваат дека дури 61 отсто од возрасните редовно практикуваат „маратонско гледање“ (binge-watching) на телевизиски серии, навика која сè почесто се поврзува со проблеми со спиењето.
Како маратонското гледање влијае врз сонот
Она што започнува како безопасна забава може да предизвика низа физиолошки промени поради кои квалитетниот сон станува речиси невозможен. Со оглед на тоа што платформите за стриминг го прават маратонското гледање полесно од кога било, разбирањето на врската помеѓу времето поминато пред екраните и нарушувањата на сонот станува клучно за одржување на здравјето, наведува Newsweek.
Науката зад влијанието на времето пред екраните врз сонот
Човечкиот мозок не прави разлика помеѓу природната и вештачката светлина. Кога гледате телевизија доцна навечер, вашите очи ја апсорбираат сината светлина од екранот, што му испраќа сигнал на мозокот дека сè уште е ден. Брановите должини на сината светлина имаат силно влијание врз вашиот циркадијален ритам – внатрешниот часовник на телото што ги регулира циклусите на спиење и будење – пренесува Index.hr.
Истражувањата покажуваат дека изложеноста на сина светлина го потиснува производството на мелатонин – хормонот што му сигнализира на телото дека е време за спиење – и тоа за дури 50 отсто. Без доволно мелатонин, заспивањето станува значително потешко. Овој ефект е поизразен колку подоцна гледате телевизија; истражувањата потврдуваат дека изложеноста на екрани во текот на двата часа пред спиење има најдраматично влијание врз квалитетот на сонот.
Психолошката стимулација како главен виновник
Сината светлина не е единствениот проблем. Содржината што ја гледате е исто толку важна колку и самиот екран. Маратонското гледање серии често вклучува напнати моменти дизајнирани да ве држат емоционално ангажирани, драматични содржини кои предизвикуваат стресни реакции и го зголемуваат нивото на кортизол, како и приказни што го принудуваат мозокот да обработува дејство наместо да се одмора.
Оваа комбинација создава состојба што експертите за спиење ја нарекуваат „когнитивна активација“, при што мозокот останува активен и буден токму во моментот кога би требало да се подготвува за одмор. Студија објавена во списанието Journal of Clinical Sleep Medicine покажа дека поединците кои гледале повеќе епизоди од некоја серија едноподруго, пријавиле значително повисоко ниво на замор, послаб квалитет на сонот и повеќе симптоми на несоница, во споредба со оние кои гледале поединечни епизоди.
Реални здравствени последици
Она што може да изгледа како безопасна навика, всушност може да доведе до сериозни здравствени последици. Краткорочните ефекти вклучуваат замор и исцрпеност во текот на денот – што го отежнува концентрирањето – промени во расположението како што се раздразливост и вознемиреност, ослабен имунолошки систем, како и зголемен апетит, што е резултат на нарушување на хормоните за глад.
Долгорочно гледано, хроничниот недостаток на сон може да придонесе за посериозни здравствени проблеми. Лошиот квалитет на сонот е поврзан со зголемен ризик од висок крвен притисок и срцеви заболувања. Недоволниот сон ги влошува симптомите на анксиозност и депресија, влијае врз регулирањето на шеќерот во крвта и го зголемува ризикот од дијабетес; исто така, се поврзува со проблеми со меморијата и зголемен ризик од деменција во подоцнежните години од животот.
Како да се прекине овој циклус
Првиот чекор е да се разбере проблемот, а потоа да се воведат практични промени. Најефективната стратегија е поставување јасни граници: престанете да гледате серии најмалку два часа пред спиење, ограничете се на една или две епизоди навечер и користете тајмери во апликациите. Воспоставете вечерна рутина која вклучува смирувачки активности, како што се читање, истегнување или медитација.
Ако сепак гледате телевизија навечер, можете да го ублажите негативното влијание. Намалете ја осветленоста на екранот, користете филтри за сина светлина или носете очила што ја блокираат сината светлина. Седете подалеку од екранот и избирајте полесни содржини кои не се премногу возбудливи, наместо интензивни драми или трилери.
Дополнително, подобрете ја целокупната хигиена на спиење: погрижете се спалната соба да биде ладна, темна и тивка; придржувајте се до редовен распоред за спиење и будење; избегнувајте кофеин во попладневните часови; и вежбајте редовно – но не непосредно пред спиење.
Кога да побарате стручна помош
Понекогаш, проблемот е подлабок од самото изложување на сина светлина. Побарајте стручна помош доколку повеќето вечери не можете да заспиете подолго од 30 минути, често се будите, се чувствувате уморни дури и по 7–8 часа сон, или пак, за да се опуштите, се потпирате исклучиво на телевизијата. Овие симптоми може да укажуваат на несоница – состојба што бара лекарска проценка. Понекогаш, прекумерното гледање телевизија е симптом на анксиозност или стрес, а овие основни проблеми треба да се решат.