Како токсичните врски влијаат на вашето здравје: Покрај менталното здравје, тие можат да имаат сериозни ефекти и врз мозокот

popara29 ноември, 20261min00
b_261127268

Токсичните врски не само што ја поткопуваат самодовербата и довербата, туку можат да остават и физички траги во мозокот, предупредува клиничкиот психолог Сузан Спајсер, која наведува дека 95 отсто од нејзините пациенти се жртви на нарцисистичко злоставување.

Спајсер е експерт по невропсихологија и терапевт за трауми. Таа за „Њујорк пост“ (New York Post) објасни дека нарцисистичкото растројство на личноста не е исто што и секојдневната, неформална употреба на зборот „нарцис“ за да се опише некој што е премногу заљубен во себе. Станува збор за клиничка состојба која се карактеризира со преувеличенo чувство за сопствената важност и постојана потреба за внимание и потврда. Таа се одликува со однесувања како што се „геслајтинг“ (психолошка манипулација со цел жртвата да се посомнева во сопствениот разум), манипулација, префрлање на вината и избегнување одговорност.

Според неа, овој вид злоставување влијае на четири делови од мозокот: хипокампусот, амигдалата, префронталниот кортекс и периакведукталната сива маса.

Хипокампусот е чувствителен на хормонот на стрес, кортизол, и може да се намали; истражувањата покажуваат дека долготрајниот стрес навистина доведува до намалување на оваа структура. Бидејќи хипокампусот игра клучна улога во претворањето на краткорочните сеќавања во долгорочни, ова може да објасни зошто многу жртви имаат потешкотии да се сетат на конкретни детали од злоставувањето.

Од друга страна, амигдалата – центарот за страв во мозокот, кој го активира одговорот „бори се или бегај“ – може да се зголеми.

„Тоа е корисно кога сте во непосредна опасност – ви помага да избегате од мечка. Но, не е корисно кога е постојано стимулирана – на пример, ако стоите во ред во продавница, а вашата амигдала е преактивна“, вели Спајсер. Како резултат на тоа, жртвите често се постојано на штрек во очекување на закани, чувствителни се на гласни звуци и склони кон претерано анализирање на изразите на лицето кај другите луѓе. Преактивната амигдала истовремено ја намалува активноста во префронталниот кортекс – делот одговорен за рационално размислување, донесување одлуки и социјално однесување. Токму затоа, по конфликт со нарцисистичка личност, жртвите често имаат потешкотии да се концентрираат, да функционираат или да носат одлуки. Периакведукталната сива маса е вклучена во процесирањето на заканите и останува активна сè додека поединецот целосно не ја обработи траумата. „Тоа нè претвора во персонал за аеродромско обезбедување. Секој е терорист сè додека не се докаже спротивното“, сликовито објаснува Спајсер.

Доколку злоставувањето трае доволно долго, стресот може да доведе до комплексно посттрауматско стресно растројство (К-ПТСР). Можните физички симптоми вклучуваат: нарушувања на сонот и кошмари; забрзано чукање на срцето, стегање во градите и вртоглавица; зголемен ризик од висок крвен притисок и срцеви заболувања; потење и отежнато дишење;
болки во зглобовите, главоболки и мускулна напнатост; како и гадење, дигестивни проблеми и болки во стомакот.

Благодарение на невропластичноста, промените во мозокот предизвикани од овој вид злоставување се целосно реверзибилни. Прекинувањето на злоставувањето, во комбинација со техники за регулирање на нервниот систем, може да помогне во намалувањето на зголемената амигдала и да го олесни закрепнувањето на хипокампусот.