
Кели Озборн, ќерката на Ози и Шерон Озборн, ја откажа свршувачката со клавијатуристот на „Слипкнот“, Сид Вилсон, само седум месеци откако се свршија.
„Кели и Сид решија да ја откажат свршувачката. Кели е во навистина лоша состојба по смртта на нејзиниот татко. Процесот на тагување е навистина тежок за неа и таа прави сè што може за да се справи“, изјави извор за „Дејли меил“.
Тој додаде дека веќе некое време се борат со проблеми во врската и дека работите не се онакви какви што изгледаат.
„Се обидоа да ги средат работите, особено заради детето, но на крајот одлучија дека раскинувањето е најдобриот начин да се продолжи“, рече тој. Поранешната двојка има син, Сидни, кого го добија во ноември 2022 година.
„Кели помина низ многу во изминатата година. И покрај сè, таа останува трезна и сега се фокусира на себе и на својата улога како мајка“, рече тој.
Се запознаа во 1999 година, кога „Слипкнот“ беа на турнеја како дел од музичкиот фестивал „Озфест“. Во јануари 2022 година, тие објавија дека се заедно. Се свршија пред седум месеци, но нивната љубов не траеше.