
Кратко пред Кејт Мидлтон да се омажи за принцот Вилијам, кралот Чарлс III, тогашен принц, и неговата сопруга Камила наводно ја замолиле свршеницата на Вилијам да го промени своето име. Како што пишува Кристофер Андерсен во својата нова биографија „Kate! The Courage, Grace and Power of the Woman Who Will Be Queen“, причината била доста необична.
Тие сметале дека би било „премногу“ кралското семејство да има уште еден монограм со буквата C, со оглед на тоа што Кетрин исто така би го потпишала своето име со тoj иницијал. Наводно ја прашале дали би размислила да го промени своето име во „Katherine“ (додека нејзиното име е Catherine), а Камила истакнала дека тоа не би требало да биде проблем за неа бидејќи таа е позната во јавноста како Кејт.
Таквиот предлог, тврди авторот, не ѝ се допаднал на идната принцеза. Во целата приказна се вклучил и Вилијам, кој застанал во одбрана на својата партнерка и јасно ставил до знаење дека таквото барање е навредливо, не само за неа, туку и за нејзиното семејство. Идејата брзо била отфрлена.
Вилијам и неговата Кејт го кажаа своето судбоносно „Да“ на крајот на април 2011 година во Вестминстерската опатија, шест месеци по нивната свршувачка, а неодамна ја прославија и 15-годишнината од бракот. Биографијата носи и неколку интересни детали зад сцената. На пример, Вилијам наводно испил премногу алкохол ноќта пред свадбата, а наутро се обидел да го прикрие мирисот, со помош на принцот Хари со бомбони од нане.
Исто така, се споменува дека младоженецот сакал да носи брада на свадбата, но тоа не било дозволено во тоа време поради воените прописи. Забраната за брада била укината дури во 2024 година.