
Домот исполнет со природна светлина може позитивно да влијае на вашето расположение и здравје, но сонцето исто така може да предизвика сериозни оштетувања на одредени предмети во домот.
Според експертите, сончевата светлина со текот на времето може да доведе до значително избледување, па дури и до деформација. Исто така, треба да се земат предвид проблеми како што се кондензацијата или пропуштањето на прозорците, што може да овозможи навлегување на влага и да предизвика дополнителни оштетувања. Експертите издвоија неколку предмети што не треба да се чуваат во близина на прозорци.
„Ултравиолетовите зраци се особено штетни за кориците и обвивките на книгите – дури и во простории со слаба осветленост или кога надвор не е сончево“, вели Софија Мартинез, експерт за чистење.
Промените во температурата и влажноста можат да ги ослабат повезите и да предизвикаат искривување на кориците.
„Полиците за книги треба да се постават подалеку од директна сончева светлина; идеално би било да стојат до внатрешен ѕид, за да може воздухот да циркулира зад книгите“, советува Мартинез.
Таа додава дека фотографиите се особено чувствителни на сонцето поради хемикалиите што се содржани во нив. Ако се постават близу прозорец, тие се изложени на светлина и температурни промени, што со текот на времето може да доведе до нивно избледување, промена на бојата или искривување.
„Батериите, исто така, не поднесуваат добро екстремна топлина. Високите температури можат да им го скратат животниот век и да го зголемат ризикот од истекување или надувување“, истакнуваат експертите.
Тие особено нагласуваат дека литиум-јонските батерии треба да се чуваат на ладно и темно место, бидејќи прекумерната топлина може да го зголеми ризикот од прегревање или пожар. Уредите што се полнат исто така ослободуваат топлина, што може да биде опасно доколку се наоѓаат во близина на запаливи материјали, како што се софи или завеси. Се препорачува повеќето електронски уреди да се чуваат во сенка, со цел да се заштитат екраните, батериите, лепилата и електронските плочи.
„Аеросолите не смеат да се оставаат на сончеви прагови од прозорци, бидејќи се под притисок и содржат гасови-потиснувачи кои можат да експлодираат доколку се изложат на топлина“, предупредуваат тие.
На самото пакување обично стои дека производот треба да се заштити од топлина и светлина, па затоа не треба да се чува на прозорецот во кујната, до шпоретот или на прозорецот во бањата.
Според експертите, свеќите, миризливите восоци и боичките можат да избледат, да го променат обликот или да се стопат за време на топлите денови, поради што треба да се чуваат подалеку од директна сончева светлина. Малкумина знаат дека виното, исто така, треба да се чува подалеку од прозорецот. УВ-зраците можат да го оштетат вкусот и аромата на виното. Покрај прозорецот, температурните колебања се поголеми, што поттикнува хемиски реакции поради кои виното побрзо се расипува.
На растенијата им е потребно сонце, но се препорачува да не се чуваат собните растенија на прагот од прозорецот кога надворешните температури се ниски.