
Лекарите по ургентна медицина секојдневно се среќаваат со сериозни медицински состојби. Но, кои видови болка бараат итен преглед? Експертите посочуваат дека одговорот е сложен, бидејќи причините и сериозноста на болката можат да варираат од еден до друг пациент.
„За жал, болката може да значи многу работи; дури и блага болка понекогаш може да укажува на сериозен проблем. Затоа е важно таа да не се игнорира“, истакнува д-р Мајкл Туртуро, професор по ургентна медицина на Универзитетот во Питсбург.
Лекарите издвојуваат пет видови болка кои можат да укажуваат на сериозни здравствени проблеми и бараат итна медицинска проценка.
Изненадна, постојана болка
„Како општо правило, болката што се појавува ненадејно, е силна и не престанува, секогаш треба да се сфати сериозно“, вели д-р Туртуро. Ова важи за кој било дел од телото. Ако почувствувате нова, неочекувана болка – особено ако е интензивна и не стивнува – важно е што поскоро да се обратите кај лекар.
„Подобро е пациентите да бидат претпазливи и да дојдат на преглед, отколку да ги игнорираат симптомите што би можеле да укажуваат на сериозен проблем“, додава лекарот.
Болка во градите
Ова може да биде знак за срцев удар, но и за други сериозни состојби, како што се згрутчување на крвта во белите дробови или пукање на крвен сад.
„Ако некој почувствува ненадејна болка во градите – особено ако станува збор за ново чувство или ако лицето има историја на срцеви проблеми – неопходна е итна медицинска проценка“, нагласува д-р Марк Конрој, специјалист по ургентна медицина.
Болката во градите е особено загрижувачка кај лицата со фактори на ризик, како што се висок крвен притисок, дијабетес или висок холестерол. Иако може да биде безопасна (на пример, поради горушица), никогаш не треба да се игнорира.
Болка во долниот дел на ногата придружена со оток
Ако почувствувате болка во долниот дел на ногата, придружена со црвенило и оток, тоа може да биде знак за длабока венска тромбоза (ДВТ) – згрутчување на крвта во вена, што може да стане опасно доколку се прошири кон белите дробови. „Особено сме загрижени доколку лицето претрпело неодамнешна повреда, имало операција или било неподвижно подолг временски период – на пример, по долг лет со авион“, предупредува д-р Конрој во изјава за HuffPost.
Оваа состојба бара итна медицинска проценка за да се спречат можни компликации.
Болка во горниот дел на грбот
Болката во грбот е честа појава; сепак, доколку почувствувате болка во горниот дел на грбот која наликува на чувство на „кинење“, тоа може да укажува на сериозен проблем со аортата – најголемата артерија во телото.
„Ако некој ја опишува болката во горниот дел на грбот како чувство на кинење или дерење, неопходен е итен медицински преглед“, нагласува д-р Конрој.
Ваквата болка може да укажува на дисекција на аортата – состојба која бара итна медицинска интервенција.
Болка во долниот дел на стомакот
Болката во стомакот може да произлезе од различни причини, но одредени симптоми бараат посебно внимание. Болката во долниот десен дел на стомакот, придружена со гадење и повраќање, може да укажува на воспаление на слепото црево (апендицитис).
Болката во долниот дел на грбот или во стомакот, придружена со покачена телесна температура, може да биде знак за инфекција на бубрезите.
Изненадни, силни болки во слабината (страничниот дел од телото) може да укажуваат на присуство на камења во бубрезите. Доколку почувствувате некој од овие симптоми, не одложувајте – побарајте медицинска помош.
Кога треба да побарате итна медицинска помош?
Иако посетата на одделот за итна помош може да биде стресна и напорна, игнорирањето на симптомите може да доведе до сериозни последици. Ако болката се појави ненадејно, се влошува или е придружена со други алармантни симптоми, не двоумете се – обратете се кај лекар што е можно поскоро.
„Можеби не станува збор за ништо сериозно, но подобро е да се провери отколку да се ризикува“, заклучува д-р Конрој. Ако не сте сигурни дали ви е потребна итна медицинска помош, консултирајте се со вашиот лекар или со службата за итна медицинска помош.