Објавен е трејлерот за третата сезона на „The Lord of the Rings: The Rings of Power“: „Никој не е безбеден“

popara22 октомври, 20261min00
rings-of-power-sauron

Prime Video објави трејлер за третата сезона од серијата „The Lord of the Rings: The Rings of Power“, чија премиера е закажана за 11 ноември.

Новиот трејлер ги прикажува Галадриел (ја толкува Морфид Кларк), Елронд (го толкува Роберт Арамајо) и Гандалф (го толкува Даниел Вејман) додека ги обединуваат силите на Средната земја. Во кадрите се гледаат битки и романтични приказни, додека Саурон (го толкува Чарли Викерс) ги мобилизира своите сили.

Според синопсисот, дејството во третата сезона се одвива неколку години по настаните од втората сезона, во екот на војната меѓу Елфите и Саурон. Мрачниот господар сака да го искова Едниот прстен – орудие што му е потребно за да стекне предност во војната, да ги потчини сите народи на својата волја и, на крајот, да завладее со цела Средна земја.

Продуценти на серијата се Џ. Д. Пејн и Патрик Мекеј. Пејн претходно изјави за списанието Empire: „Во оваа сезона имаме вистински негативец, на начин што е сосема поинаков од претходно“, додека Мекеј додаде: „Оваа трета сезона е помрачна, поопасна… Никој не е безбеден“.

Извршни продуценти се Линдзи Вебер, Џастин Добл и Кејт Хејзел, заедно со извршната продуцентка и режисерка Шарлот Брандстром. Серијата е продукција на Amazon MGM Studios.