
За некои луѓе, пократките денови и помалото количество сончева светлина предизвикуваат нешто повеќе од само блага есенска меланхолија. Сезонското афективно растројство (САР) е вид на депресија што се јавува секоја година во исто време – најчесто доцна есен – и трае четири до пет месеци.
Според Националниот институт за ментално здравје на САД (NIMH), најчестата форма започнува доцна есен или рано во зимата, а се повлекува во текот на пролетта и летото. Постои и поретка форма, која започнува во лето.
Неколку тмурни денови не се доволни за да се дијагностицира ова растројство. Дијагнозата се поставува кога депресивните епизоди се јавуваат во текот на истото годишно време најмалку две последователни години и кога тие се почести во тој период отколку во другите делови од годината.
Симптоми
Националната здравствена служба на Обединетото Кралство (NHS) ги наведува следниве главни знаци: потиштеност, губење интерес за вообичаените активности, чувство на вина, безнадежност или безвредност, раздразливост, тешкотии со концентрацијата, зголемен замор и подолго спиење од вообичаеното.
Според NIMH, формата што се јавува во зима се карактеризира со прекумерно спиење, прејадување – особено силна желба за јаглехидрати, што може да доведе до зголемување на телесната тежина – како и со повлекување од социјалниот живот.
Доколку се појават мисли за самоповредување или самоубиство, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Кој е изложен на поголем ризик?
Жените се погодени почесто од мажите, а растројството обично започнува во раната зрелост. Тоа е позастапено кај луѓето што живеат подалеку од екваторот – каде што зимските денови се пократки – како и кај оние што веќе имаат депресија или биполарно растројство од тип II. Понекогаш се јавува кај неколку членови на исто семејство.
Причините сè уште се предмет на истражување. Се смета дека помалото количество дневна светлина го нарушува нивото на серотонин – хемиска супстанца во мозокот што влијае на расположението. Кај зимската форма, телото може да произведува премногу мелатонин, хормон што предизвикува поспаност. Недостатокот на витамин Д може дополнително да ја влоши состојбата.
Што помага
NHS советува секојдневно излегување надвор и искористување на што е можно повеќе дневна светлина, редовно вежбање и одржување контакт со семејството и пријателите, без откажување од вообичаените активности. Тој исто така препорачува да си легнувате и да станувате во исто време, како и да избегнувате прекумерно консумирање алкохол и употреба на мобилни телефони пред спиење.
Од понудените терапии, NIMH ја наведува светлотерапијата како стандарден пристап за зимската форма на оваа состојба. Во периодот од есен до пролет, лицето секој ден, во времетраење од 30 до 45 минути, седи пред светилка со јачина од 10.000 лукси, која не пропушта УВ-зрачење. Лицата со одредени очни болести, како и оние што земаат лекови кои ја зголемуваат чувствителноста на светлина, треба да ја спроведуваат оваа терапија под надзор на лекар.
Когнитивно-бихејвиоралната терапија и антидепресивите, исто така, можат да помогнат. Обично се потребни од четири до осум недели за антидепресивите да почнат да делуваат. Резултатите од истражувањата за витаминот Д се различни: некои покажуваат корисен ефект, додека други не.
За оние што претходно имале сезонска депресија, може да биде корисно да започнат со третман уште пред почетокот на сезоната, но за тоа треба да се одлучи во консултација со лекар.