
Американската научничка Маргарет Хамилтон, пионер во областа на компјутерските науки и клучна фигура во програмата „Аполо“ на НАСА, почина на 90-годишна возраст.
Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT) соопшти дека Хамилтон починала на 30 септември. Таа работела на MIT од 1959 година до средината на 1970-тите, а универзитетот ја опиша како пионер во компјутерските науки, застапник и инспирација за милиони луѓе.
Хамилтон го предводеше тимот што го разви софтверскиот код за мисиите „Аполо“ во 1960-тите години. Таа беше првиот програмер ангажиран за проектот „Аполо“ на МИТ; до 1968 година, таа стана заменик-директор задолжен за тимот за командниот и сервисниот модул, раководејќи со тим од над 400 луѓе кои работеа на софтверот за „Аполо“.
Нејзината работа се покажа како клучна за време на слетувањето на Месечината со мисијата „Аполо 11“ во 1969 година. Само неколку минути пред слетувањето, компјутерите на лунарниот модул беа преоптоварени со неочекувани радарски податоци. Софтверот што го дизајнираше Хамилтон го препозна преоптоварувањето и им даде приоритет на критичните задачи за слетување, истовремено отфрлајќи ги помалку важните процеси. Ова спречи прекинување на мисијата и им овозможи на Нил Армстронг и Баз Олдрин безбедно да слетаат на површината на Месечината.
Покрај нејзиниот директен придонес во истражувањето на вселената, на Маргарет Хамилтон ѝ се припишува заслугата за популаризација на самиот термин „софтверско инженерство“ како посебна и ригорозна научна дисциплина. Во 2016 година, претседателот Барак Обама ѝ го додели Претседателскиот медал на слободата – највисокото цивилно одликување во Соединетите Американски Држави – за нејзините исклучителни заслуги.