Прада ја отвори вратата кон мистериозниот свет на луксузот: Изложба во Милано која крие чанти, иконски креации, но и вселенско одело (ФОТО)

popara11 ноември, 20262min00
1467293_tan2026-11-1105422074-4_m

Модната куќа „Прада“ отвори нова постојана изложба во Милано, наречена „Прадасфера“, која го прикажува развојот на еден од најпознатите италијански луксузни брендови преку осум тематски целини.

Изложбата е сместена во познатата „Галерија Виторио Емануеле“ и ја поврзува богатата историја на модната куќа со нејзиното современо работење. Посетителите можат да видат здолништа со А-крој, чанти украсени со сребро, подземен премин, па дури и прототип на вселенски костим.

Лоренцо Бертели, директорот за маркетинг на „Прада групацијата“, ја опиша изложбата како важен дел од деловната стратегија.

– Изложбата делува како мултипликатор – изјави Бертели.

Од „Прада“ проценуваат дека „Прадасфера“ би можела да донесе дополнителни 100 милиони евра годишен приход, додека Бертели смета дека заработката би можела да биде и поголема.

Термините за посета се веќе целосно пополнети сè до Нова година; според Бертели, постои поголема веројатност посетителите да купуваат во продавниците на брендот откако ќе ја разгледаат изложбата.

Постојаната изложба открива и интересни детали за почетоците на модната куќа. Браќата Марио и Мартино Прада го основале брендот во 1913 година под името „Фратели Прада“ – токму овде, во оваа историска галерија. Меѓу изложените предмети се наоѓаат луксузни чанти и модни додатоци, како и приказната зад култниот превртен триаголник, кој стана заштитен знак на брендот.

Влезот на Миуча Прада во семејниот бизнис е претставен преку најлонските чанти што таа почнала да ги дизајнира во 1970-тите години, како и преку капут во боја на чоколадо, прикажан на нејзината дебитантска модна ревија во 1988 година. Изложени се и познатите сандали со мотив на пламен од 2012 година, како и дезените инспирирани од материјалот формика, кои придонесоа за препознатливиот имиџ на „Прада“ и за естетиката позната како „грд шик“.

Изложбата, исто така, ја прикажува поврзаноста на брендот со уметноста, архитектурата, филмот и спортот. Бертели го издвои тимот „Луна Роса“, кој во 1990-тите години се натпреваруваше во престижната едриличарска регата „Америкас кап“ . Искуствата стекнати во спортот и инженерството подоцна придонесоа за соработката со компанијата „Аксиом спејс“ на развојот на вселенски костим за мисијата „Артемис IV“ на НАСА, планирана за 2028 година.

Посетата на изложбата „Прадасфера“ е можна со претходна резервација, при што секој час можат да влезат најмногу 20 посетители.

Денес, присуството на „Прада“ во галеријата се протега на осум ката и опфаќа: слаткарницата „Маркези 1824“, изложбениот простор „Осерваторио Фондационе Прада“, нова изложбена поставка, приватен салон и апартман.