
Во документарниот филм „Исцелување“ (Heal), британската принцеза Кејт Мидлтон зборува за својата дијагноза на рак, закрепнувањето и предизвикот да се искачат највисоките планини во Англија, Шкотска и Велс.
Овој 30-минутен филм ја следи принцезата – позната како Кејт – додека се обидува да го совлада „Предизвикот на трите врвови“ (Three Peaks Challenge). Станува збор за напорен потфат кој вклучува искачување на Бен Невис во Шкотска, Скафел Пајк во Англија и Сноудон (Yr Wyddfa) во Велс – сè во рок од 24 часа. Патот – без да се смета времето за патување помеѓу планините – опфаќа приближно 37 километри и вкупна висинска разлика од 3.064 метри.
Во филмот, Кејт – која сега има 44 години и е во фаза на ремисија – ги истражува границите на своите физички можности по операцијата, хемотерапијата и процесот на закрепнување. Таа исто така раскажува за еден момент за време на лекувањето, кога, додека губела и повторно доаѓала до свест во болничката соба, почувствувала како некој ѝ ја држи раката.
„Не разговараа со мене. Не се обидоа да поправат ништо. Едноставно беа таму“, се присети таа, не откривајќи го идентитетот на лицето кое ѝ пружило утеха. Додаде дека секогаш ќе биде благодарна за тоа присуство, истакнувајќи дека тоа ѝ помогнало да сфати колку е важно некој да биде покрај друг човек во неговите најтешки моменти.
Филмот не открива за каков конкретен вид на рак се лекувала Кејт, ниту пак дава нови детали во врска со нејзината терапија. Таа објасни дека идејата за проектот се појавила минатата пролет како начин да се даде поддршка на „The Royal Marsden“ – специјализиран центар за лекување на рак, каде што и самата таа примала терапија. Средствата собрани од филмот ќе бидат донирани за добротворната организација „The Royal Marsden“. На приватна проекција во Лондон минатата недела, Кејт изјави дека сака да им помогне на повеќе луѓе да добијат холистичка грижа, која опфаќа медицински третман, но и поддршка за справување со емоционалните, психолошките, духовните и социјалните предизвици што ги носи дијагнозата. „Исцелувањето, без разлика дали е лично или колективно, не се сведува само на поправање на она што не е во ред“, рече таа.
За време на искачувањето на Скафел Пајк, ѝ се придружил нејзиниот брат Џејмс Мидлтон, кој пуштил снимки со пораки од нејзините деца – Луис, Џорџ и Шарлот. По последното искачување, ја пречекаа принцот Вилијам и децата.