
Поранешниот водител на „Top Gear“, Ричард Хамонд, откри дека Би-Би-Си (BBC) му понудиле да биде водител на нова верзија од култната емисија за автомобили, но тој одбил бидејќи, како што вели, не сака да ја врати емисијата во она што некогаш била.
Хамонд го изјави ова во интервју со водителот Еван Дејвис во емисијата „PM“ на „BBC Radio 4“. Разговорот уследи откако во средата Би-Би-Си објавија дека нов водител на „Top Gear“ ќе биде познатиот готвач Гордон Ремзи.
„Разговараа со мене за тоа. Дојдоа со идеја јас да бидам вклучен во водењето на новиот ’Top Gear‘, но јас не сакам да ја вратам емисијата во она што беше претходно. Затоа не прифатив“, рече Хамонд.
Хамонд (56) беше водител на емисијата од 2002 до 2015 година, заедно со Џереми Кларксон и Џејмс Меј. Тој вели дека тројката го имала своето време, уживала во тоа и „малку полудела“ со емисијата.
Да потсетиме, во 2006 година тој се здоби со сериозни повреди во несреќа за време на снимањето, додека возеше драгстер (возило за трки на забрзување) со млазен погон. За тој период сега вели дека „малку претерале“.
Емисијата беше ставена на пауза откако поранешниот англиски крикет-играч Ендру „Фреди“ Флинтоф се здоби со сериозни повреди за време на снимањето во декември 2022 година. Тој ја водеше емисијата заедно со Педи Мекгинис и Крис Харис.
„Можеби емисијата ќе тргне во поинаква насока. Мислам дека така и треба“, рече Хамонд за новиот „Top Gear“.
Прашан за Ремзи, Хамонд се пошегува дека телевизиските готвачи сакаат готвење и пцуење, но исто така и големи часовници и автомобили.
Ремзи (60) ќе го предводи новиот тим водители кога емисијата ќе се врати на „BBC One“ и „BBC iPlayer“ во 2028 година.