
Доцното лето ја носи потребата за малку поинакви мириси. Подолу, издвојуваме три парфеми кои совршено се вклопуваат во преминот помеѓу летото и есента.
Лесните цитрусни и тропски ноти полека отстапуваат место на потопли, пософистицирани композиции, додека интензивните зимски парфеми се уште се премногу тешки за ова време од годината. Затоа совршен избор се мирисите кои ја задржуваат свежината на летото, но имаат ноти на смоква, капина, ванила и дрво, со првите навестувања на есенска топлина.
Maison Margiela Replica Afternoon Delight
Сладок, кремаст и топол мирис инспириран од париските пекари. Мадлен и ванилата се комбинираат со горчлив бадем и килибар, па парфемот мириса гурмански, но не премногу слатко. Идеален е за првите свежи вечери.
Jo Malone Blackberry & Bay
Капината во овој парфем доаѓа во малку пософистицирана верзија – без типичниот, претерано сладок вкус. Во комбинација со ловор, зелени акорди и кедар, добива посвежа и поприродна димензија, потсетувајќи на зрело овошје, крај на летото и лежерна прошетка низ шумата. Мирисот е овошен, зелен и дрвенест во исто време, совршено евоцирајќи го преминот од топлите августовски денови до првите навестувања на есента.
Gucci Flora Gorgeous Orchid
Ванилата и орхидејата носат слатка, кремаста нота, додека воздушестите озонски акорди носат леснотија и свежина. Резултатот е нежен и пријатен мирис кој обезбедува топлина, но не е тежок, што го прави одличен избор за деновите кога летото сè уште не е завршено, а температурите остануваат високи.