
Песната „I Am From Bosnia“ од Дубиоза Колектив беше неочекуван хит на овогодинешното Светско првенство во САД, Канада и Мексико, а Би-Би-Си повторно обрна внимание на неа.
Британскиот радиодифузен сервис претходно ги објави стиховите на песната што неочекувано стана вирална на социјалните мрежи, а сега ги интервјуираше членовите на бендот Ведран Мујагиќ и Брано Јакубовиќ.
„Босанскиот бенд Дубиоза Колектив немаше поим дека дел од нивната песна, која првично ја објавија пред 15 години, ќе стане вирална на Светското првенство. Песната собра над три милиони прегледи откако објавија нова верзија за турнирот“, пишува Би-Би-Си.
Мујагиќ објасни во интервјуто дека песната првично била за човек кој заминува во САД и, по пропаѓањето на „американскиот сон“, одлучува да се врати затоа што нема место како дома.
Тој исто така објасни дека бендот бил изненаден од тоа колку се проширил и дека на крајот, поради неговата глобална популарност, решиле да направат нова верзија која е адаптирана за Светското првенство и „американскиот фудбалски сон“.
Исто така, претходно, водителите на BBC Radio 2 на „The Radio 2 Breakfast Show“ со ентузијазам ја коментираа оваа песна.
„Босна и Херцеговина влезе со брз почеток и се обидува да ја симне Шакира од тронот како химна на целото првенство. Песната се вика „’I am from Bosnia, take me to America“ од босанската хип-хоп група „Dubioza kolektiv“. Слушнете ја оваа, одлична е“, изјавија тие.