
Новиот „Resident Evil“, во режија на Зак Крегер, оствари заработка од 400 милиони долари ширум светот, со што стана најуспешниот филм во оваа франшиза, која постои веќе 24 години, а истовремено е и најголемиот успех во кариерата на режисерот.
Според податоците објавени од „Variety“, филмот заработил 157,4 милиони долари во Северна Америка и 242,6 милиони долари на другите пазари. Со тоа го надмина филмот „Resident Evil: The Final Chapter“ од 2016 година, кој оствари заработка од 312 милиони долари.
Ова е, исто така, најуспешниот филм во кариерата на Зак Крегер. Неговиот нискобуџетен филм „Barbarian“ од 2022 година заработи 46 милиони долари, додека минатогодишниот хорор „Weapons“ донесе 270 милиони долари.
Силно отворање и одлични критики
Филмот се појави во кината во септември, остварувајќи 60 милиони долари во Северна Америка и 108 милиони долари на глобално ниво – што претставува најдобар почеток во историјата на серијалот.
Благодарение на позитивните критики и високите оценки од публиката, филмот имаше солидна гледаност во кината во текот на целиот октомври – месецот кога хорор филмовите се најпопуларни. Најголема заработка е остварена во Кина (71,4 милиони долари), Обединетото Кралство (19,4 милиони долари) и Мексико (12,7 милиони долари).
Во верзијата на Крегер, Остин Абрамс – познат на публиката од филмот „Weapons“ – ја толкува улогата на медицински курир кој се обидува да преживее среде епидемија на вирус и чудовишта во градот Ракун Сити (Raccoon City).
Студиото „Sony“ го продуцираше филмот со буџет од 75 милиони долари. Пет години претходно, студиото се обиде да ја оживее франшизата со филмот „Resident Evil: Welcome to Raccoon City“, кој со заработка од 42 милиони долари наспроти буџетот од 25 милиони долари, се покажа како неуспех – како кај критичарите, така и на кино-благајните.
Видеоиграта на компанијата „Capcom“ за првпат беше адаптирана за големото платно во 2002 година, во филмот „Resident Evil“ со Мила Јововиќ во главната улога. Подоцна, таа повторно ја толкуваше улогата на Алис во уште пет продолженија.