
Ако барате идеја за вкусен ручек што не бара многу време ниту сложена подготовка, тестенините во кремаст сос од тиква може да бидат одличен избор.
Тиквата му дава на јадењето благо слатка нота и привлечна портокалова боја, додека крем-сирењето, павлаката за готвење и пармезанот создаваат богат сос со свиленкаста текстура.
Состојки:
- 400 г тестенини по избор
- 500 г тиква
- 2 лажици маслиново масло
- 2 чешниња лук
- 200 мл павлака за готвење
- 100 г крем-сирење
- 70 г рендан пармезан
- 100 мл вода од варењето на тестенините
- 1 лажичка сушено оригано
- ½ лажичка сушена мајчина душица
- Прстофат морско оревче
- Сол и бибер по вкус
- 1 лажица путер
Подготовка:
Излупете ја тиквата, отстранете ги семките и исечете ја на мали коцки. Ставете ја во тенџере со благо посолена вода и варете ја околу 15 минути, или додека не омекне. Потоа, исцедете ја и оставете ја настрана.
Зовријте вода во големо тенџере, посолете и додадете ги тестенините. Варете ги според упатството на пакувањето, внимавајќи да останат ал денте. Пред да ги исцедите, зачувајте околу 100 мл од водата во која се вареле.
Загрејте го маслиновото масло во тава, додадете го ситно исечканиот лук и кратко пропржете го – само додека не ја пушти својата арома. Потоа, додадете ги варената тиква и павлаката за готвење, па кратко загрејте ја смесата.
Тргнете ја тавата од оган и изблендирајте ја смесата со рачен блендер додека не стане мазна. Ако е премногу густа, додадете малку од зачуваната вода од тестенините за да ја постигнете саканата густина.
Вратете го сосот на тивок оган и измешајте ги крем-сирењето и ренданиот пармезан. Додадете оригано, мајчина душица и прстофат морско оревче. Зачинете со сол и бибер по вкус и мешајте додека сирењата не се стопат, а сосот не стане мазен и кремаст.
Додадете ги исцедените тестенини во тавата со сосот и добро измешајте за секое парче рамномерно да се обложи. По потреба, додадете уште малку од водата во која се вареле тестенините. На крајот, додадете една лажица путер, што ќе му даде на сосот дополнителна полнота на вкусот и сјаен изглед. Послужете ја тестенината веднаш, посипана со уште малку рендан пармезан и, по желба, со прстофат сушени зачински билки.