
Психолошките истражувања покажуваат дека квалитетот на комуникацијата и начинот на кој партнерите реагираат на емоциите на другиот во клучни моменти – без разлика дали станува збор за конфликт или за моменти на среќа – директно ја одредуваат судбината на врската.
Студија објавена во списанието Frontiers in Psychology истакнува дека начинот на кој партнерите комуницираат, како во секојдневните, така и во вонредните ситуации, може да доведе до поголемо задоволство во врската или да го навести нејзиниот крај.
Психолозите издвојуваат два клучни моменти што можат да имаат одлучувачко влијание врз иднината на партнерскиот однос.
Реакција за време на конфликт
Истражувањата потврдуваат дека расправиите и лошата комуникација се меѓу главните причини за раскинување. Сепак, клучниот фактор не е самата причина за несогласувањето, туку начинот на кој се управува со конфликтот.
Тонoт на гласот, прекинувањето во говорот, чувството на омаловажување или игнорирањето на проблемот значително ѝ штетат на врската. Иако самото несогласување не мора да биде штетно, одбранбениот став, тврдоглавоста и повлекувањето од разговорот имаат деструктивно влијание.
Од друга страна, таканаречената „перципирана одговорност на партнерот“ – односно чувството дека партнерот нè разбира, нè цени и се грижи за нас – има лековито дејство. Можно е да се зачува почитта дури и за време на жестоки расправии.
Реакција на убави вести
Споделувањето убави вести и радосни моменти со партнерот – во психологијата познато како „капитализација“ – е подеднакво важно како и справувањето со кризи. Студија од 2023 година покажува дека чувството на ценетост по позитивната реакција на партнерот ја зголемува меѓусебната блискост, посветеноста и подготвеноста да се одговори на потребите на другата личност. Како и кај конфликтите, најдобри резултати дава активниот и конструктивен одговор на убавите вести, изразен преку ентузијазам, поддршка и искрен интерес. Истражувањата покажуваат дека таквите реакции ја поттикнуваат емоционалната блискост, а истовремено го зголемуваат и сексуалното задоволство во врската.
Спротивно на тоа, пасивните или деструктивните реакции создаваат чувство на невидливост и намалена самодоверба, што на крајот води кон распаѓање на врската.
Личното ментално здравје на партнерот исто така игра клучна улога во способноста со ентузијазам да се реагира на успехот на другата личност. Студија од 2022 година потврди дека луѓето се значително поспособни да пружат поддршка кога самите се чувствуваат добро.