Како еден вид на протест против актот SOPA во Америка, Wikipedia денеска ќе биде „изгасена”.
Тоа најпрво го најави нејзиниот основач, Џими Велс, во неколку tweet-ови.
Помеѓу неколкуте, еден гласеше „Ова ќе биде големо. Се надеваме дека Wikipedia ќе ги полуди телефоните во Вашингтон во среда. Кажете им на сите што ги знаете.”
Привременото гасење се однесува само на англиската верзија, ќе трае 24 часа, а одлуката за ова ја донеле уредниците на Wikipedia.
Утре со работа ќе престанат и сајтовите Reddit и Boing Boing, во знак на протест против SOPA и PIPA актот за кој моментално се расправа во Конгресот.
Доколку и покрај протестите SOPA биде усвоен, тој ќе им овозможи на властите да ги гасат сајтовите на кои се наоѓаат нелегални содржини, а неговото усвојување, односно неусвојување, многумина го гледаат како битка за иднината на интернетот.
Инаку, Wikipedia, овој викенд одбележа 11 години постоење. Моментално постои во верзија на 280 јазици и има преку 20 милиони написи.