Еден човек живеел во соседство со човек кој имал многу лошо куче. Секое утро кучето го дочекувало со лаење и ржење. Човекот долго време размислувал како да го казни поради тоа.
Накрај, му дошла идеа да постави замка и кога ќе дојде кучето во неговиот двор, да падне во неа и да си ја добие заслужената болна лекција.
Следниот ден човекот си работел во дворот, додека чекал кучето да се појави. Ги извадил секојдневните молитвени текстови и почнал да се моли, повремено дигајќи поглед од книгата и насочувајќи го кон дворот. Кучето се уште го немало. Продолжил да се моли:
„Нека сите живи суштества на земјава имаат среќа и причина за среќа!“
Додека ја читал молитвата, му направил впечаток фактот дека и кучето сепак е живо суштество и дека свесно поставената замка ќе му предизвика болка. „Ако продолжам да ја кажувам оваа молитва, ќе испадне дека лажам. Можеби треба да престанам да се молам. Не, ова куче е многу лошо, не сакам тоа да биде среќно или да има причина за среќа!“
Тогаш на ум му дошла идеја, да ја видоизмени молитвата:
„Нека само некои живи суштества имаат среќа и причина за среќа. Нека само некои живи суштества да бидат ослободени од болка и страдање…“
Бил задоволен од решението. Занесен во мислите и молитвите заборавил за замката што тој ја поставил па шетајќи замислен по дворот, сам паднал во неа. Тоа било многу грубо просветлување. Како резултат на болката, сватил нешто многу важно. Кога исклучил некое живо суштество од шансата да биде среќно, тој автоматски се исклучил сам себе. Решил да ја смени стратегијата.
Следниот ден, излегувајќи од дома, зел со себе и малку храна. Веднаш штом се доближил до оградата, кучето на соседот се залетало накај него со ржење и лаење. Но овој пат, наместо да фрла по него со камења му ја фрлил храната што ја носел. Кучето се изненадило, лаеењето секнало и почнало да јаде. Играта продолжила и следните денови. После неколку дена, кучето трчало по него, но не да го нападне, а искрено се радувало на секоја нивна средба.
Човекот задоволно продолжил да си ја кажува молитвата, барајќи среќа и причина за среќа за целиот свет. Бидејќи сега веќе знаел дека негативните емоции кон другите, те напаѓаат најпрво тебе. И дека човек не може да биде никогаш среќен, ако посакува несреќа на другите.