Алатки за ефективно менаџирање со време (1)
Дали знаете колкаво време во текот на денот трошите на читање на некорисни електронски пораки, во разговор со колегите, подготвување кафе или за време на ручек? Колкав дел од денот трошите на неважни работи – работи кои воопшто не допринесуваат за успешно завршување на Вашите обврски? Сетете се колкупати сте помислиле дека би постигнале многу повеќе, само доколку дневно имате барем половина час повеќе.
Откријте како навистина го трошите Вашето време
Ретки се лицата кај кои свеста е толку развиена да знаат точно колкав е делот од денот во кој ја проверуваат електронската пошта, во кој пишуваат пораки или прават долгорочни планови? Луѓето знаат дека во различни делови од денот функционираат со различни нивоа на ефективност. Тоа зависи од флуктуирањето на нивната енергија. Енергијата може да варира во зависност од времето изминато од последниот изеден оброк, од времето изминато од последната пауза, од честотата на нарушување на рутинските постапки, од стрес, од неудобност, како и од низа други фактори.
Евиденција на активности
Евиденцијата на активности е алатка која Ви помага да анализирате како го трошите Вашето време. Откако за прв пат ќе започнете со евиденцијата на активности, по првичните анализи може да бидете запрепастени од времето кое залудно го трошите во текот на еден ден. Памтењето нема да Ви користи за оваа намена, бидејќи многу лесно се заборава времето минато во пребарување вести на интернет, разговор, допишување, читање пораки со небитна содржина, и слично.
Како да се води евиденцијата? Водењето евиденција во текот на неколку дена ќе Ви помогне да разберете како го трошите Вашето време и во кој дел од денот сработувате најмногу. Бележете ги редовно сите работи и активности кои ги сработувате во текот на денот, без да го промените Вашето однесување ниту малку повеќе од она што морате. За тоа можете да користите било каков образец за евиденција кој Вам најмногу Ви одговара.
Наједноставниот ваков образец се состои од лист хартија со табела со четири колони: време, опис на активност, времетраење на активност и вредност. Последнава колона може да има три можни вредности: висока, средна и ниска. Секојпат кога ќе започнете со нова активност во текот на денот, без оглед дали проверувате електронска пошта, завршувате редовни обврски, подготвувате кафе, оговарате со колегите или било што друго, запишете го времето на промена на активноста.
Освен активностите, додадете уште една колона и во неа бележете и како се чувствувате во моментот, дали сте возбудени, смирени, изморени, енергизирани, итн. Ова можете да го правите после секоја активност или периодично во текот на денот. Понатаму, можете бележењето на Вашите активности да ги интегрирате со дневник на стресови.
Лекции од Вашиот бележник
Откако ќе го евидентирате Вашето потрошено време во текот на неколку последователни денови, анализирајте ги белешките за активностите. Направете анализа и пресметајте го времето кое го трошите на разни видови активности. Ќе бидете запрепастени од вкупното време кое го трошите на работи со низок приоритет.
Исто така ќе увидите дека поседувате повеќе енергија во одредени делови од денот и дека сте посмирени во останатите делови од денот. Ова може да зависи од паузите кои ги правите, времето кога јадете, количината која ја јадете, како и од квалитетот на Вашата исхрана. Евиденцијата на активности Ви дава одредена основа за експериментирање со наведените фактори кои влијаат на ефективноста.
Со анализа можете да најдете начин како да создадете дополнително време во текот на денот. Тоа можете најлесно да го постигнете преку некоја од следните активности:
Елиминирајте ја работата за која не сте платени – Овде спаѓаат обврски и задачи за кои Вашиот работодавач не Ве плаќа. Овие обврски најчесто би требало да ги заврши некое друго лице во организацијата за многу помал надомест. Исто така овде припаѓа и испраќање на електронски пораки кои воопшто не се врзани со работата.
Направете план на активности – Најтешките и најсложените задачи закажете ги во делот од денот кога Вашата енергија е најголема. На тој начин многу подобро ќе ја завршите Вашата работа и за тоа ќе Ви биде потребно многу помалку време и енергија.
Намалете го бројот на менувања на различни активности во текот на денот – На пример, читајте и одговарајте на електронски пораки групно, само неколку пати во текот на денот.
Намалете го времето за други активности надвор од работата – Овде спаѓаат активности како на пример подготвување на кафе. Ваквите задачи можете секојпат да ги доделувате на различно лице од тимот. На овој начин ќе заштедите од времето на другите членови и ќе го зајакнете тимскиот дух.
Евиденцијата на активности е корисна алатка за следење на начинот на кој го користите Вашето време. Со оваа алатка може да ги следите промените на Вашата енергија во текот на денот, вознемиреност, како и Вашата ефективност во текот на денот. Преку анализирање на Вашата евиденција на активности – ќе бидете во можност да ја идентификувате и елиминирате работата која го троши Вашето време или која е неважна. Дополнително, ќе знаете во кое време од денот сте најефективни, па во тоа време ќе можете да ги завршите најважните и најсложените работни задачи. Автор: Дејан Спасески
Извор: статија.мк