Српската полиција уапси сопственик на црно “БМВ“ во близина на “Сава“ центарот во Белград, под сомневање дека планирал да изврши атентат врз унгарскиот претседател Пал Шмит кој престојувал во Белград, јавува “Ало“, пренесува Нетпрес.
Се претпоставува дека момчето се обидело да го пресече патот на колоната возила во која бил и претседателот Шмит.
Според изворот на “Ало“, тројца момчиња во “БМВ“ минале преку тротоарот кој водел кон “Сава“ центарот, каде ги запрел сообраќаец. Со оглед на тоа дека во тие моменти поради пристигнувањето на унгарската делегација биле зголемени безбедносните мерки, сообраќаецот повикал засилување поради проверка. При претрес на автомобилот не било пронајдено оружје, но возачот бил задржан во притвор. Припадници на Безбедносно информативната агенција како и полицајците задолжени за борба против тероризмот, го сослушувале три пати поради сомнеж дека планирал да го убие унгарскиот претседател, но момчето тоа го негирало.
“Тој беше шокиран со самата идеја дека планирал нешто, а уште помалку напад на унгарскиот претседател. Тој изјави дека не може да поверува што му се случува и остана до своето тврдење дека сосема случајно тргнал со пријателите на кафе во центарот на градот и дека не ни знаел дека Шмит бил во градот. Единствено што признава е дека направил сообраќаен прекршок, а се’ друго е смешно“, изјавил изворот за “Ало“.
Поради сомневање дека момчето сепак го имало Шмит на мета, истражниот судија му одредил 30 дена притвор а се терети за кривично дело пречење на службено лице во вршење на безбедносни работи додека истрагата за атентатот на Шмит продолжува.
Извор: Нетпрес