Голем дел од граѓаните на САД се всушност потомци на робови. Тие во текот на 17, 18 и почетокот на 19 век од западна Африка биле однесени во јужна и северна Америка за да работат на плантажи.
Тие во почетокот биле нарекувани црнци, а денес општо прифатен термин е Афроамериканци. Увозот на робови е прекинат 1808 година кога во САД е забранета трговија со робови. Законот за ослободување на сите робови е донесен 1863 година за време на граѓанската војна во САД иако многу држави од југот изгласале сегрегациски закони кои налагале бившите робови и нивните потомци да мора да живеат во посебен дел од градот, да учат во посебни училишта, и да бидат одвоени од белците на јавните места. Токму затоа поголемиот дел од црнците не можеле да имаат добро образование ни пак да најдат добра работа.
За време на Првата и Втората светска војна значајно се сменила ситуацијата за Афроамериканците. Илјадници црнци доброволно се пријавиле да бидат дел од вооружените сили, а неколку милиони се преселиле на север каде имало повеќе шанси за работа. После Втората светска војна Афроамериканците уште погласно почнале да ги бараат своите права вклучувајќи и школување во истите училишта со белците. Мартин Лутер Кинг бил лидерот на ова движење во текот на 50-те и 60-те години на 20 век но во 1968 година е убиен поради своите убедувања. Истата година се случиле бројни немири во повеќе северни градови.
Луѓето протестирале бидејќи иако законите биле променети, реалноста останала како и претходно, а белците не го смениле својот став кон црнците. Се барало да се прекине со секаков облик на дискриминација. За време на 70-те и 80-те години се донесени доста нови закони со кои се изедначуваат правата на сите граѓани на САД.
“Мракот не може да го избрка мракот. Само светлината тоа го може. Омразата не може да ја избрка омразата. Само љубовта тоа го може.“
Мартин Лутер Кинг