
ДОДЕКА патувал низ земјата, Исус ги лекувал болните. Веста за овие чуда се пренесувала во сите села и градови. Затоа народот му ги носел сакатите, слепите и глувите, како и многу други болни. И Исус ги излекувал сите нив.
Откако Јован го крстил Исус, поминале повеќе од три години. И Исус им кажал на своите апостоли дека наскоро ќе оди во Ерусалим каде што ќе биде убиен, а потоа ќе биде подигнат од мртвите. Во меѓувреме, Исус продолжил да ги лекува болните.
Ова ги разлутило верските водачи. ‘Има шест дена во кои треба да работиме!‘ — му викнал еден од нив на мноштвото. ‘Тогаш треба да доаѓате да ве лекува, а не во сабота!‘
Но Исус одговорил: ‘Вие, лоши луѓе. Секој од вас ќе го одврзе своето магаре и ќе го одведе да пие вода во сабота. Зарем не треба оваа кутра жена, која е болна 18 години, да биде излечена во сабота?‘ Исусовиот одговор ги посрамил тие лоши луѓе.
Подоцна, Исус и неговите апостоли патувале за Ерусалим. Штом излегле од градот Ерихон, двајца слепи просјаци чуле дека поминува Исус. Затоа извикале: ‘Исусе, помогни ни!‘
Исус ги повикал слепите и ги прашал: ‘Што сакате да ви направам?‘ Тие рекле: ‘Господару, нека ни се отворат очите‘. Исус им ги допрел очите и тие веднаш прогледале! Знаеш ли зошто Исус ги направил сите овие прекрасни чуда? Затоа што ги сака луѓето и сака тие да веруваат во него. Поради тоа, можеме да бидеме сигурни дека, кога тој ќе владее како Цар, никој на Земјата повеќе нема да биде болен.
Матеј 15:30, 31; Лука 13:10-17; Матеј 20:29-34.