Затвореник од “Идризово“ починал вчера во Ургентниот центар во Скопје. Според надлежните, станува збор за осуденик што бил зависник од опојни дроги, а од неодамна се лекувал со метадоска терапија.
Според Управата за извршување санкции, на затвореникот му се слошило, по што бил однесен на лекар каде што починал. Телото на починатиот е предадено во Институтот за судска медицина и криминологија каде што, неофицијално, е потврдено дека нема други причини што би упатиле на можност од насилна смрт.
Како што информираат од Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда, станува збор за Али Ахмет (29), кој во своето досие има 30 пресуди за кривични дела тешка кражба, 20 пресуди за кражби и една пресуда за разбојничка кражба.
И покрај многубројните судски пресуди, сега покојниот Ахмет бил осуден на единствена казна затвор во траење од 15 години, а започнал да ја издржува уште пред девет години.
Извор: Нетпрес