Што е грдо, а што убаво и дали физичката убавина стана толку важен предуслов за успех во современото општество што луѓето целосно ги заборавија вистинските вредности?
Убавите лица најчесто добиваат се што ќе посакаат благодарение на својот физички изглед. Понекогаш под тие лица се кријат добри луѓе, а понекогаш убавината е само фасада која го маскира шупливиот карактер. Велат дека секој човек е убав на свој начин, но случките од реалниот живот покажуваат дека оние кои не изгледаат толку совршено или пак се нагрдени на некој начин, честопати страдаат поради реакциите на околината.
Една млада девојка реши да ја сподели својата приказна околу тоа како изгледаат нештата низ очите на грдата девојка.
Јас сум грда девојка. Најобјективно кажано грда сум. Можеби не сум дебела, добро се држам за свои години, добро се облекувам и добро се шминкам, но минатиот викенд светот ме потсети дека и покрај сето тоа, луѓето одвај чекаат да ме шутнат.
Ретко излегувам по клубови, но во саботата беше специјална прилика. Една пријателка го славеше роденденот и беше викенд по испити. Одлична прилика за да се опуштам. Бидејќи ретко излегувам, решив да се потрудам да изгледам најдобро што можам. Најдов фустан кој го имав купено поодамна, но никогаш не го носев зошто беше посекси од вообичаено. Ми го избра блиска пријателка додека бевме на шопинг и ме натера да го купам. Се нашминкав, ја исправив косата и се облеков. Кога се погледнав во огледало бев изненадена. Дали сум тоа навистина јас? Изгледам …убаво!
Пријателите кои ме видоа, ми рекоа дека изгледам супер и навистина го мислеа тоа. Знаев дека се искрени и се чувствував убаво затоа што за прв пат не бев девојката која се маскира како атрактивна девојка, туку навистина бев една од нив. Со години не сум се почувствувала така.
Кога пристигнавме во клубот, имавме лошо изненадување. Претходно бевме информирани дека влезот е бесплатен за девојки и не земавме многу пари. Но, не беше така. Само една од девојките имаше пари да плати влез за уште две други. Група момчиња кои беа во близна решија да ни помогнат и да ни платат влезница. Ниту едно од нив не се понуди да ја плати мојата и сите избегнуваа да ме гледаат во очи. Толку беше очигледно и болно, што веднаш сакав да избегам дома. За среќа една од моите пријателки која имаше повеќе пари, па ми ја плати влезницата.
Се обидов да го заборавам тоа. Игравме со девојките кога ни се придружија неколку момчиња. Едно од момчињата остана само, па со оглед на тоа дека и јас малку се одделив од групата почнавме да танцуваме заедно. Беше незаинтересиран, не ме гледаше во лице и по неколку минути откако забележа поатрактивна девојка, си замина без збор. Со неа танцуваше многу поинаку и со далеку поголем ентузијазам. Бев мошне повредена и заминав на шанкот.
По некое време повторно заминав да танцувам со пријателките на подиумот, кога забележав фотограф кој сликаше наоколу. Мислев дека бара добар агол, па затоа се врти наоколу. Додека сликаше се обидував да изгледам што подобро. Но, подоцна дознав дека тој во суштина се вртел наоколу за да не му влезам во кадар. Не можев да поверувам, се до оној момент кога дојде до мене и побара да се тргнам зошто му ги уништувам сликите. Се почувствував многу грдо! И покрај тоа што вложив толку многу за да изгледам убаво таа вечер, изгледаше дека тоа не значи ништо. Си заминав дома со една од девојките. Другите не забележаа што се случи со фотографот, па кога видоа дека нема да си одам сама, ме пуштија.
Ве молам бидете љубезни кон грдите луѓе. Се надевам дека луѓето кои се однесуваа со мене така ќе се препознаат и ќе дознаат колку нивното несвесно однесување може да влијае врз другите луѓе.
Следниот пат кога ќе му се потсмеете на некого бидејќи сметате дека е грд или грда, застанете и добро размислите кој е грдиот во приказната.