Грчката полиција употреби солзавец за да ги растера демонстрантите пред зградата на парламентот за време на протестите против новиот пакет економски мерки.
Демонстрантите фрлале со камења врз полицијата која била распоредена пред парламентот каде пратениците се очекува да почнат со расправа за петгодишна програма за економски мерки со цел да се намали буџетскиот дефицит и да се спречи финансиско пропаѓање на Грција.
Грчката полиција презеде голема операција против 20.000 демонстранти за да го обезбеди движењето со автомобили и пристапот на пратениците до парламентот.
Тензиите ескалирале пред еден од влезовите каде демонстрантите се обиделе да ги урнат металните огради и почнале да фрлаат со камења врз полицијата која одговорила со солзавец.
Истовремено, грчкиот премиер Јоргос Папандреу изјави оти продолжува да бара консензус меѓу политичките партии во државата за новиот пакет економски мерки.
“Тоа е историски момент за нас и верувам дека националниот консензус е важен и во интерес на државата“, изјавил Папандреу пред претседателот на државата Каролос Папуљас.
Извор: Нетпрес