Прочка е еден од празниците кои Православните Христијани во Македонија го прославуваат со различни традиции.
Имено, суштината на празникот е да си простиме едни на други, па така помладиот бара прочка од постариот. Синот од таткото, брат од брат, ќерка од мајка, снаа од свекрва, сестра од сестра итн. Оној другиот пак простува користејќи ги зборовите „Простено да ти е од мене и од Бога“. Но не само помладите, туку и постарите бараат прочка на овој празник.
Исто така се прави заедничка вечера со семејството која завршува со амкање јајца за децата, што придонесува за детска радост и добро расположение. Но вистинското значење на амкањето е тоа дека всушност на последното јадење пред постот, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце, за потоа на Велигден истата да ја отвориме и замрсиме со црвено јајце.
Утредента започнува Велигденскиот пост и тој ден се нарекува чист понеделник.
Од друга страна пак, на денот на Прочка во многу места низ нашата држава се организираат разни карневали, кои иако имаат пагански карактер, го збогатуваат празникот со забава и хумор.