Инженер од Индија има големи проблеми во потрагата по работа и тоа поради неговото име. Имено, 25-годишното момче се вика Садам Хусаин односно само една буква во презимето го разликува од името на ирачкиот диктатор Садам Хусеин.
Момчето досега било одбиено на дури 40 интервјуа, иако тој бил одличен ученик, по што заклучил дека со своето име никогаш не ќе има среќа да се вработи. Затоа, тој одлучил да се преименува во Сајид.
„Луѓето се плашат да ме вработат“, изјавило разочараното момче за весникот „Хиндустан тајмс“.
Тој дури извадил и нов пасош и нова возачка дозвола, со сменетото име, но тоа повторно му предизвикало главоболки бидејќи сега не може да докаже дека завршил факултет, поради тоа што дипломата му гласи на старото име.