
Американскиот гигант за газирани сокови Coca-Cola објави примамлива награда како поттик за пронаоѓање на начин за да ја подобри својата производна линија со исфрлање на шеќерот.
Coca-Cola со тоа објави предизвик за сите истражувачи и научници со цел да произведат природна замена за шеќерот, со малку или воопшто калории, за напитокот на познатата компанија. А на победникот од ова натпреварување, којшто ќе биде објавен во октомври во 2018-та година, му нуди – милион долари!
Но, милион долари награда е всушност и мала сума за една компанија којашто е голема колку Coca-Cola, посебно земајќи ја предвид улогата на шеќерот кај гојазноста и епидемијата од дијабетес тип 2, како и последичното намалување на консумирањето на газирани напитоци.
– Шеќерот денес е број 1 производ којшто потрошувачите едноставно сакаат да го избегнат во својата исхрана – потенцира Дарен Сејфер, аналитичар во индустријата за храна и пијалаци во NPD групата.
Пораката дека треба да се намали консумирањето и употребата на шеќерот постојано ја испраќаат стручњаците ширум светот. Ова е огромен предизвик за индустријата за пијалаци, посебно имајќи превид што потрошувачите не сакаат вештачки засладувачи во своите сокови.
– Бараме природна, безбедна супстанца со малку или воопшто калории, којашто создава сензација на вкусот на шеќерот кога ќе се стави во напиток, навела компанијата Coca-Cola на својата платформа за собирање на идеи HeroX.
Coca-Cola и претходно беше во потрага по напиток без шеќер. Така настанале и диеталните газирани сокови, коишто секако имаат свои купувачи, меѓутоа луѓето главно не сакаат вештачки засладувачи затоа што тие едноставно немаат вкус како шеќерот.
На пазарот веќе има и неколку засладувачи на растителна база, како на пример стевиата, меѓутоа не се ниту одблиску популарни како што се очекувало.
Сепак да се пронајде добра алтернатива за шеќерот секако не е лесна задача.