Линда Венцел е германска тинејџерка која се борела на страната на ИСИС но неодамна била уапсена во Мосул каде изјавила дека сакала да се врати дома.
Меѓутоа, црно ѝ се пишува бидејќи Ирак против неа отворил судска постапка. И се заканува смртна казна, а германските власти наводно се борат да ја спасат од погубување. Дури и доколку судот се откаже од смртната казна, ја чека долгогодишна казна затвор во Ирак.
Линда во 2016. година побегнала од дома во Пулсниц, град во близина на Дрезден и се качила на лет Франкфурт – Истанбул. Потоа отишла во Сирија, а група на ИСИС ја пренела во Ирак.
Го променила името во Миријам и ја променила верата во ислам, а германските власти по исчезнувањето ја прогласиле за потенцијална терористичка закана.
Линда, наводно огорчена и незадоволна одлучила да го напушти родниот град и да тргне во авантурата на животот. Се започнало со преписка на интернет меѓу неа и припадник на ИСИС, по што била под посебно внимание на германските разузнавачи.
– Бев снајперист и убив многу ваши војници. Тоа ми беше задача – признала оваа 16-годишна Германка по апсењето.
Медиумите подоцна пренеле и дека тинејџерката рекла дека жали што се приклучила кон ИСИС, и дека сака да ја предадат на Германија, и дека е подготвена да соработува со властите.
– Само сакам да си одам од тука. Сакам да побегнам од војната, оружјето, од оваа бука. Само сакам да одам кај своето семејство – рекла таа.