Стивен Хокинг не е само еден од најголемите физичари на нашето време, туку е и автор на многу инспиративни мисли упатени кон сите нас.
Така, научникот на 7 јануари 2016 година во преполната сала на Кралскиот институт во Лондон, се обрати кон сите луѓе кои страдаат од депресија, со следниве зборови:
“Целта на ова предавање е дека црните дупки не се воопшто црни како што се сметало. Тие не се вечни темници како што некогаш луѓето ги замислувале. Дури и ако ви се чини дека сте влегле во црна дупка, не очајувајте- веројатно постои начин да излезете од неа.
Не заборавајте да гледате и во ѕвездите, а не само надолу. Обидете се да сфатите се што гледате и размислете околу тоа зошто постои овој преубав универзум. Бидете љубопитни. И без оглед на тоа колку животот ви изгледа тежок, во него сигурно ќе најдете нешто што не само ќе можете да го направите, туку и да бидете успешни во тоа. Најважната работа е да не се откажувате. Никогаш”, кажал легендарниот научник.
Со оглед на тоа низ колку потешкотии овој човек морал да помине и колку неговиот живот бил храбар и убав, би требало да го послушаме.
Во 1963 година, кога имал само 21 година, дијагностицирана му е многу ретка и неизлечива болест- амиотрофична латерална склероза (АЛС). Лекарите претпоставувале дека нема да живее повеќе од две години по дијагнозата. Тие две години се продолжиле на 55!
Професорот Хокинг кажал дека научил да го цени она што го има.
“Иако бев несреќен заради болеста, имав среќа во се друго. Имав голема среќа што имав можност да работам на полето на теориската физика во време на големи пронајдоци, а ова е една од ретките области на човековите активности во која мојот инвалидитет не пречеше.
Многу е важно секогаш да одржувате позитивен поглед на светот, без разлика колку животот ви изгледа комплициран и непријатен, бидејќи ако не се научите на време да се смеете на себеси и на животните околности, на крајот можно е да останете без никаква надеж ”, говорел големиот Стивен Хокинг.