Кина за прв пат објави податоци за жителите кои беа заразени од коронавирус, без никакви симптоми на болестa „Ковид-19“, откривајќи дека повеќето од нив воопшто не се разболеле.
Меѓу 6.764 лица кои биле тестирани позитивно на инфекцијата, само една петтина од нив, 1.277, досега развиле симптоми на оваа болест, изјави портпаролот на кинеската Национална здравствена комисија, Ми Фенг.
Во моментов, под медицински надзор се уште 1.023 лица кои се во карантин. Останатите 4.444 лица беа ослободени од медицинскиот карантин, откако биле негативни на тестирањето. Феноменот на асимптоматско пренесување е збунувачка карактеристика на коронавирусот што овозможи пандемијата да се прошири многу побрзо и пошироко од претходните епидемии. Додека истражувачите претходно мислеа дека повеќето пациенти на крајот завршуваат со какви било симптоми, податоците од Кина покажуваат дека голема група сè уште останува без симптоми за време на инфекцијата.
Истражувачите сè уште се трудат да ги разберат асимптоматските случаи. Постои можност пациентите за кои се смета дека се без симптоми, всушност да манифестираат симптоми што лекарите сè уште не ги препознале. Со месеци се сметаше дека треската и сувата кашлица се главни маркери на болеста, а само неодамна се појави информацијата дека губењето на мирисот и вкусот се исто така знаци на заразеност.
Кина продолжува да открива асимптоматски инфекции, иако бројот на новозаразени во оваа земја, минатиот месец се намали на нула.
Десет провинции и градови во Кина, вклучувајќи го Вухан од каде потекнува вирусот, спроведуваат анкети за да можат истражувачите да дознаат повеќе за асимптоматските случаи. Во истражувањето во Вухан се опфатени 11.000 случајно избрани луѓе од 100 населби.
Бројот на асимптоматски случаи веројатно е повеќе од 6.764, колку што кинеските здравствени власти успеаја да ги откријат. Овие случаи беа откриени за да ги испитаат контактите на заразените. Потсетуваме, оние што не покажуваат знаци на болест не се сметаат погодни за тестирање. Сепак, како што предупредуваа другите научници, тоа не значи дека таквите лица не можат да го пренесат вирусот и не претставуваат опасност за ризичните групи.