Новиот корона вирус можеби се раширил кај луѓето некаде во јужна Кина, неколку месеци пред епидемијата во Вухан, според студиите на универзитетот Кембриџ.
Тоа е во спротивност со двете доминантни теории за потеклото на заразата, дека започнала од пазарот во Вухан, како и дека е производ од некоја лабораторија.
Тим научници предводени од Питер Форстер го мапирале геномот на вирусот и ги следеле неговите мутации. Врз основа на овие податоци, се верува дека инфекцијата може да се појавила уште во септември, јужно од познатиот епицентар на епидемијата, а патогенот сè уште не бил смртоносен во моментот кога се раширил кај населението.
„Вирусот можеби месеци порано мутирал во својата крајна форма, кој ефикасно ги напаѓа луѓето, но останал во лилјаци, други животни или можеби дури и во луѓе, и тоа во несмртоносна форма, неколку месеци пред да се пренесе на други лица“ , вели генетичарот Форстер. Тој го води тимот на истражувачи кои стојат зад оваа научна работа која сè уште не е рецензиран.
Валидна теорија е дека вирусот се пренел од лилјак на друго животно, како панголин, а потоа и кај луѓето, сепак, една нова студија го доведува ова во прашање, менувајќи го изворот на инфекцијата јужно од Вухан. Сепак, за да се дојде до таков заклучок потребни се повеќе примероци од лилјаци, други животни кои можат да бидат носители и рани пациенти за да се дојде до конечен заклучок, предупредува научникот.
„Ова е најдобрата претпоставка што можеме да ја направиме во ова време, додека сè уште чекаме анализа на примероците на пациентите од 2019та година“, заклучи Форстер.