Симболичка Голема ложа “Libertas” – прв дел

popara29 јуни, 20113min00
masonic_lodge_room

Конфликтот меѓу слободните ѕидари во Хрватска, се провлекуваше уште од периодот кога седиштето на ложата “Ljubav bližnjega” беше пренесено од Шишка во Загреб (1903 година), а се продлабочи кога дојде до различни залагања на членовите, односно еден дел од нив веруваа во единство меѓу Србите и Хрватите, а еден дел беа против создавањето на Кралството СХС. Со создавањето на Големата Matice Loža Ljubav k bližnjega (1919 година) изгледаше дека овој конфликт ќе биде надминат. Меѓутоа со формирањето на ложата “Grof Ivan Drašković”, конфликтот повторно се појави, со тоа што една група слободни ѕидари побара да се основа ложа “Jednakost”, но Големата Matice Loža Ljubav k bližnjega не даде одобрение.

Со основањето на Големата ложа на СХС “Jugoslavija” со работа престана Големата Matice Loža Ljubav k bližnjega, за чија ликвидација беа задолжени нејзините високи претставници. Бидејќи ложата Ljubav bližnjega престана со работа при формирањето на Големата Matice Loža Ljubav k bližnjega, а истата престана да функционира со создавањето на Големата ложа СХС, Adolf Rozenfeld и уште неколку бивши членови на ложата Ljubav bližnjega, беа разочарани, бидејќи не им беше дозволено во округот Загреб да основаат трета работилница под називот “Sloboda, Jednakost, Bratstvo”.

Од нивна страна официјално до Големата ложа СХС “Jugoslavija” (на 14 октомври 1919 година) беше испратена молба за формирањето, но на инсистирање на ложата “Maksimilijan Vrhovac” ваквото барање беше одбиено. Поради тоа дојде до разидување меѓу слободни ѕидари кои се залагаа за унитарност и умерените хрватски ѕидари, а јазот се продлабочи кога Врховниот Совет на Србија прерасна во Врховен Совет на СХС. Големата ложа К Ljubav bližnjega мораше да престане со работа со создавањето на Големата ложа “Jugoslavija”, додека пак Врховниот Совет функционира и во денешни услови. Врховниот совет до ден денешен нема склучено никаков договор за взаемна соработка со Големата ложа “Jugoslavija”, иако сé посочува на фактот дека Врховниот Совет ја има доминантната функција и ингеренциите за работата и развојот на Големата ложа. Ова се согледува во фактот што: некои високи претставници на Големата ложа се воедно и членови на Врховнито Совет; истите функционери кои се на врвот на Врховниот Совет се на врвот на Големата ложа и го имаат главниот збор; Големата ложа работи во истата зграда како и Врховниот Совет.

Во 1920 година имаше обиди да се пристапи кон обединување на Големата ложа на СХС и Врховниот Совет на СХС, односно кон разрешување на конфликтните односи меѓу хрватските слободните ѕидари и југосовенско ориентираните ѕидари. Ложата “Grof Ivan Drašković” во 1932 година до Големата ложа поднесе предлог за изнаоѓање на начин за обединување на Врховниот Совет и Големата ложа во едно единствено здружение, управувано од страна на една масонска власт. Овој предлог ниту тогаш, ниту пак покасно беше прифатен, притоа како објаснување беше дека “спојувањето на овие две институции не би придонело за напредон на масонството во Југославија и не би било во интерес на народот, затоа како најдобро решение е Големата ложа на Југославија и Врховниот Совет на Кралството Југославија да продолжат самостојни да функционираат едната како симболичка масонерија, а другата како филозофска масонерија со цел взаемно да си помагаат, доколку се јави потреба, а притоа да не се мешаат и да не ја попречуваат меѓусебната работа“.

Од страна на Dragutin Liberman на 28 јануари 1923 година, беше доставен извештај до Големата ложа на СХС во кој се наведуваше дека и после ликвидација на ложата “Ljubav bližnjega”, таа продолжи да постои и да го застапува духот и учењето на слободното ѕидарство. Поради овој факт на 6 декември 1924 година се поднесено барањето за повторно отварање на ложата ”Ljubav bližnjega”, а само неколку месеци подоцна односно на 24 јуни 1925 година следуваше ново барање од страна на Dragutin Liberman и Adolf Rozenfeld – за продолжување на работата на бившата ложа под закрило на Голамата ложа на СХС.

На почетокот на нареднта година, односно во 1926, од ложата “Grof Ivan Drašković” истапија 17 слободни ѕидари, со цел да формираат нова ложа. Истото се случи, кога истапија седум масони од ложата “Pravednost“ со барање на дозвола (покритие) за обновување на работата на ложата “Ljubav bližnjega”, а еден член од ложата “Pravednost“ бараше дозвола за основање на ложата “Prometej”.

Иако барањето за обновување на работата на ложата “Ljubav bližnjega” беше поддржана од страна на ложата “Grof Ivan Drašković”, сепак не ги даде очекуваните резултати бидејќи започнаа озборувањата дека братот Dragutin Liberman планира да основа самостојна Голема ложа,а ложата “Ljubav bližnjega“ да ја стави под закрило на Големата италијанска ложа.

Бидејќи не беше прифатено барањето за повторно активирање на ложата “Ljubav bližnjega“, кај голем дел од слободните ѕидари се предизвика незадоволство и протести, поради сознанието дека оваа ложа и после ликвидацијата продолжила со работа. Така што, со подршка од страна на Англиски слободен ѕидар, шестте слободни ѕидари на 26 април 1926 година, официјално продолжија со работа и самите ја прогласија за активна ложата “Ljubav bližnjega“. Овој чекор беше направен со цел, Големата ложа да се стави пред свршен чин и да дозволи да се реактивира работата на ложата како и уште еднаш да се разниша работата на Големата ложа на СХС “Jugoslavija”.

Ложата “Prometej” иако ги доби потребните дозволи за основање, сепак не беше осветлена како што се планираше на 31 мај 1926 година, па датумот се помести бидејќи веќе се чувствуваа последиците од насилното отварање на ложата “Ljubav bližnjega“.  На 29 април 1926 година ложата “Prometej” побара од Големата ложа на СХС да даде свое одобрение за продолжување на работата на ложата “Ljubav bližnjega“, за веќе на 14 јуни истата година, основачите на ложата “Ljubav bližnjega“ односно 21 делегат од Сојузниот одбор на Големата ложа на СХС да испратат информација дека “Ljubav bližnjega“ продолжува со работа како независна ложа, со избор на сопствени претставници.

Со објавувањето на свеченото отварање на ложата “Prometej” на 17 јуни 1926, беше усвоена и нејзината декларација, според која членовите се одрекуваат од можноста да ја вовлечат политиката во круговите на ложата и обратно; истотака ложата не може на никаков начин да влијае врз политичкото определување на членовите, ниту пак да сноси било каква одговорност од нивниот јавен живот. Сепак, браќата имаат за право да се поддржуваат меѓусебно на политичката сцена се додека е тоа нивна приватна одлука и во тоа не ја мешаат ложата, ниту пак повредуваат некое масонско начело.

Според истата декларација, ложата претставува интернационално братство, поради тоа не постои национално слободно ѕидарство, така што ложата “Prometej” се залага за гледиштето, каде што не постои т.н. југословенска масонерија, туку масонерија во Југославија, исто како што се примерите на слободното ѕидарство во Англија, Германија, Италија итн.

Официјалната изјава дадена од страна на ложата “Prometej”, дека не прави разлика меѓу браќата не познава политички и народни непријатели, претставуваше последната капка во насобраните конфликтни ситуации меѓу слободните ѕидари, поради тоа на 17 септември 1926 година за време на состанокот на Сојузниот одбор на Големата ложа на СХС “Jugoslavija” (непосредно по завршувањето на Конгресот на масоните во Белград) Големиот чувар на конституциите Damjan Branković ја даде следната изјава:

“Со прифаќањето на уставот на Големата Симболичка ложа на Унгарија, само докажаа дека не ги почитуваат нашите државни идеи и нашите масонски правила. Затоа овој начин на функционирање мораме да го окарактеризираме како предавство. Овој чекор претставува нелојалност и најтежок претстап до сега. Би било корисно доколку нашата масонерија, искрено помогне кон воспитување на овие браќа кои упорно се спротивставуваат на нашите конституции“.

Поврзувањето на движењето меѓу загребачките слободни ѕидари и Евреите, резултираше масоните дисиденти да донесат заклучок дека Евреите се формални управувачи на хрватските слободни ѕидари.

На ова ложата “Prometej” на 21 октомври 1926 година, односно Damjan Branković изрази остро осудување и упати критика за ширењето на вакви лаги.

Сојузниот одбор за време на вонредната седници (на 24 септември 1926), одлучи да презеде остри мерки поради однесувањето на ложата “Prometej” и “Ljubav Bližnjega”, па поради што беше предложено “ложата Ljubav Bližnjega да не биде повеќе под закрило на Големата ложа на Југославија и на тој начин да се поништи овој немасонски акт“.

Ваквата одлука доведе ложата “Prometej” на 12 декември 1926 година да побара од Големата ложа на СХС “Jugoslavija” разрешување од нејзиното закрило, поради тоа се донесе одлука за суспендирање на ложата “Prometej”. Актот за конечен престанок на работата на ложата беше донесена на Годишното собрание на Големата ложа на СХС одржана на 27 март 1927 година.

Конфликтната ситуација помеѓу Големата ложа на СХС и загребачките слободни ѕидари, формално се водеше поради имотната состојба на “Ljubav Bližnjega” и нејзиното реактивирање и беше поттикната од различните политички размислувања, а тоа може да се согледа во дел од одговорот кој Големата ложа на СХС го упати до ложата “Prometej” -“од страна на загребачките браќа Големата ложа на СХС “Jugoslavija” наследи лоши верските и политичките односи, а покрај сите напори за нивно подобрување, не можеше да се постигне поради активностите на некои браќа. Доказите од ваквото дејствување претставува создавањето на независната ложа “Ljubav Bližnjega”. Затоа беше побарано од браќата од ложата “Prometej” самите да увидат дека меѓу нив има и такви Браќа кои не дозволуваа да се доведе до подобрување на работата“.

Патот кон создавањето на самостојна хрватска Голема ложа беше отворен. Тоа им беше кристално јасно на сите членови на Големата ложа на СХС, бидејќи нејзиниот заменик Голем мајстор, Adolf Mihalić истакна дека нема никакви сомневања, после основањето на “Ljubav Bližnjega” постои можност да се основа самостојно Голема ложа, а како дополнителна корист претставуваше отцепувањето на ложата “Prometej”. Во меѓувреме додека се делеа голем број на брошури и летоци со неосновани осуди и негативни коментари, се припремаше ложата “Pravednost” да се отцепуви од Големата ложа “Jugoslavija”, но сепак тајно ги подготвуваа новите правила на Големата ложа “Libertas”, а потоа го поведоа отцепувањето на ложата “Pravednost” и “Amititia”. На овој начин се трудеа да се спојат трите ложи во една нова Голема ложа.

Продолжува, читајте www.popara.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi - anlaşmalı boşanma